Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во текот на вчерашниот ден имало вкупно 23 пожари на отворен простор, од кои, согласно вечерните и утринските информации, три сè уште се активни, шест се под контрола и 14 се изгаснати. На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пак, во ЦУК имало вкупно 2.563 повици во последното деноноќие.
Трите пожари на отворено се лоцирани во Општина Македонски Брод, во пределот кај с. Тажево – с. Брезница – крак кон ЈП „Јасен“. Вториот активен пожар е на територија на две општини – Општина Демир Хисар и во Општина Охрид, на Илинска Планина, во реонот кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани и третиот активен пожар е, исто така, на територијата на две општини – во Општина Дојран и Општина Богданци во реон кај с. Фурка кон Богданци.
Шесте пожари кои се под контрола се кај селата Зеленигард и Јамиште, кај селото Слатина, на планината Галичица, како и помеѓу селата Косел, Расино, Опеница и Вапила. Исто така, под контрола се и пожарите кај селото Латово и на депонијата Делчево.