Вкупно 11 пожари се активни утрово низ Македонија, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарот на планината Серта е проширен на две општини, во Неготино во атарот на село Калањево каде гори ниска вегетација и шума, како и во Општина Конче кај селата Горни и Долни Липовиќ каде гори ниско стеблеста шума бор.
За пожарот на Серта кај село Калањево, од Министерството за внатрешни работи соопштија дека вчера полициски хеликоптер во 23 налети исфрлил над 35 тони вода.
Дополнително, пожар има помеѓу селата Драгоево и Селце каде гори ниска вегетација и грмушки, над селото Бадилен каде гори борова Шума, кај селата Дреново и Долно Јаболчиште каде гори мешовита шума. Потоа, пожар има и кај селото Црнилиште каде гори нискостеблеста вегетација, кај селата Слепче и Гостиражни каде гори ниска и сува вегетација, помеѓу селото Негорци и Кованец каде гори даб, смрека, прнар и сува трева.
Активни пожари исто така има и кај Бегово поле каде гори ниска вегетација и мешана шума, кај селото Штурово каде гори ниско стеблесна и борова шума, како и на во Битола на улицата Девеани каде гори ниска вегетација. Активен пожар има и кај селата Грешница и Слатино каде гори деградирана шума, ниска вегетација и грмушки.
Во изминатото деноноќие изгаснати се 19 пожари на отворено.
„Од рано утрово веќе се дејствува по активните пожари и со воздухоплови, како засилување на силите коишто гаснат од земја, пожарникари, вработени во јавни и комунални претпријатија, армиски припадници, од доброволни ПП друштва, мештани и од други здруженија на граѓани. Прво почнаа да дејствува еден полициски хеликоптер, а за кратко му се приклучи и еден армиски хеликоптер. Инаку, побарана е и меѓународна помош за справување со пожарите“, соопштија од ЦУК.