Утрово низ Македонија се активни седум пожари, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Вклучително со нив, во последното деноноќие биле регистрирани 29 пожари на отворено.
Активни пожари има во:
- Општина Штип кај с. Селце и с. Пухче (каде што гори мешана шума);
- Општина Штип и во Општина Неготино, во реон на Армискиот воен полигон, високо над Криволак кон Пенуш, каде што има многу голема „фронтова“ линија на пожарот (каде што гори ниска вегетација – смреки, трња, грмушки и нискостеблеста шума, претежно даб)
- Општина Македонски Брод: с. Брезница и с. Тажево каде што гори квалитетна борова шума, 15 вработени од Јасен помогнати преку ден од армиските 30-ина припадници, а и од неколкумина од ЈП „Национални шуми“, имаат само по неколку часа здивнување и речиси деноноќно се борат на линија кај реката-понорница Оча пред Борова Брезница да не се пробие огнот кон внатрешноста на заштитено повеќенаменско подрачје “Јасен” од посебно значење за државата. Вчера армискиот хеликоптерот „Ми 17“ во два наврата не можеше да дејствува од многу, а и густ чад и небезбедни услови за дејство;
- Општина Чашка кај с. Габровник и с. Мокрени (каде што гори мешана шума и ниска вегетација) Таму линијата на огнот со повремени прекини и појаки жаришта е голема се до Мукос, над Богомила;
- Општина Чашка: месноста Мукос, има пожар префрлен од прилепска страна (при што гори ниска вегетација);
- Општина Долнени кај кај с. Небрегово ( гори нискостеблеста шума);
- Општина Долнени: с. Гостиражни, префрлен пожар од с. Богомила, Општина Чашка (каде што гори мешана шума и ниска вегетација).
Оттаму соопштија дека седум пожари се под контрола и се настојува да се доведат во фаза на локализирање за потоа и да се изгаснат. Дополнително, во последното деноноќие се изгаснати 15 пожари.
Инаку, од ЦУК соопштија и дека на единствениот повикувачки број за итни случаи на 112 имало 2.101 повици. Од нив, „реални“ повици биле 60.02%, а 39.98% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
„Кон Полиција биле упатени 56.42%, кон Итната медицинска помош 25.70%, а кон пожарникарите 12.57% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 859 повик за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од ‘реалните’ повици (5.31%) и на тие што се именувани како ‘неитни повици’ (39.98%). Сите тие повици за итни случаи биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК)“, дополнија од ЦУК.