Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 66 пожари пожари на отворен простор, од кои во моментот 12 се активни, 3 се под контрола и 51 се изгаснати, соопшти денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Активни пожари има во:
- Општина Пехчево: с.Негрево
- Општина Старо Нагоричане: с.Малотино, с.Враготурце, с.Жегљане
- Општина Кратово: с.Татомир се шири кон општина Куманово и општина Свети Николе
- Општина Македонски Брод 1: с.Тажево – с.Брезница – Крак кон Јасен кон Раставувачи за струја
- Општина Свети Николе 1: с.Макреш, с.Горно и Долно Ѓуѓанци, с.Строиманци, с.Ранченци
- Општина Свети Николе 2: над с.Ерџелија, с.Немањци, с.Малино
- Општина Куманово: с.К’шање – с.Кокошиње
- Општина Пробиштип: с.Зелениград – с.Јамиште
- Општина Дојран: помеѓу Стар и Нов Дојран, нас.Карач
- Општина Македонски Брод 2: с.Слатина, Стојанова населба
- Општина Пласница: с.Пласница проширен кон с.Латово, Македонски Брод
- Општина Карбицни: с.Долни и Горни Балван, с.Трогерци
Во утринската изјава, Ангелов истакна дека состојбата со пожарите е тешка, но не е алармантна и апелираше до граѓаните да не излегуваат, со, како што рече, непотребни апели за собирање луѓе.
„Како држава имаме доволно припадници на армијата, на полицијата, и ако некаде тоа го побараат локалните авторитети кои командуваат со гаснењето на пожарите, тоа се градоначалниците, со поддршка на командирите на локалните ТППЕ единици. Ние можеме да испратиме онолку војска и полиција колку тие што ќе побараат. Граѓаните не секаде можат да бидат од корист, напротив, некаде можат да сметаат во работењето на професионалните служби, на пожарникарите, војската, полицијата, национални шуми, на доброволците пожарникари или на самите летала“, рече Ангелов.
Тој истакна дека граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места, кога огнот загрозува некое место или како во синоќешниот случај, кога постоела мала можност огнот да дојде до градот Пехчево, во тој случај, како што вели, на ивицата на градот, тие би можеле да бидат корисни.
„Во гаснењето на пожарот, граѓаните не треба да учествуваат, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири на локалните ТППЕ единици. Апелирам да не се создава непотребна паника, денеска имавме состанок на управувачкиот комитет, на која меѓудругото донесовме одлука да предложиме на владата, да се ангажира и т.н. НАТО механизам за помош кој што во суштина ги нуди истите работи како и механизмот на ЕУ, но преку него можеме да бараме и помош во искусни пожарникари. Во овој момент, таква потреба немаме, но истата може да се појави во текот на денот. Во овој момент имаме доволен број на пожарникари, како и доволен број на војска и полиција, припадници на Национални шуми, но и цивилно население, доброволци кои можат да се спротивстават на огнената стихија која што ја зафати државата“, рече Ангелов.