„CULT SHORTS“ е филмски фестивал кој цели да создаде повеќе можности за кратките филмови во време кога светот брзо се менува, но и филмска онлајн платформа каде бесплатно се достапни современи македонски кратки филмови.
Димитар Јангеловски, дел од тимот на „CULT SHORTS“ истакнува дека онлајн платформата е создадена за да се соберат кратките филмови и да се овозможи лесен пристап за филмската публика.
Меѓу филмовите кои веќе се достапни на платформата, се наоѓа краткиот филм „Награда“ на Лидија Мојсовска кој има освоено 18 интернационални награди, но и краткиот филм „Децата ќе дојдат“ на Ана Јакимска, во кој главната улога ја игра македонската актерка Шенка Колозова.
Според Јангеловски, фестивалот „CULT SHORTS“ е предвиден да се одржува низ мали градови во Македонија, со цел да заживеат празните кино сали и да се децентрализира културниот живот во нашата земја, кој засега е сконцентриран во главно низ поголемите градови и утврдените културни центри.
„Филмаџиите вложуваат многу љубов и напорна работа во своите проекти и заслужуваат повеќе од една сезона на фестивалски проекции. Живееме во време кога бројот на одлични кратки филмови расте секоја година, сепак, овие филмови се борат повеќе од било кога да допрат до публика. Големиот број на филмови доставени на големите филмски фестивали и ограничените слотови за програмирање значат дека многу одлични филмови никогаш нема да ја видат светлината на денот“, вели Јангеловски.
Тој објаснува дека филмскиот фестивал ќе започне иднава есен и ќе се одржува во Делчево, додека пак платформата е веќе достапна, а секоја недела премиерно се прикажува нов краток филм и нов автор.
„Во моментот имаме отворен повик за секој заинтересиран автор, пријавата на нови филмови е сосема бесплатна“, истакнува Јангеловски.
Од „CULT SHORTS“ најавуваат дека филмовите достапни на платформата ќе може да конкурираат и за наградата „CULT SHORT OF THE YEAR“, која ќе биде доделена на филмот со најголема гледаност, а сите 35 филмски финалисти ќе бидат поканети на физичкото издание на фестивалот во Делчево.
„Како филмаџии, ние силно веруваме во влијанието на независното кино. Ние веруваме дека филмовите можат да нè научат едни за други, веруваме дека киното ќе го направи светот подобро место. Но, за да го сториме тоа, независниот филм треба да може да допре до повеќе луѓе“, додава Јангеловски.