Македонската асоцијација за развивање игри МАГДА од 26 до 30 јануари го продуцира 10-иот јубилеен „Global Game Jam Македонија“ (#ggjm). Се работи зa настан за развивање игри наменет за ентузијасти, студенти, средношколци и професионалци од различни сфери што имаат интерес во областа на игри и креирање на игри.
Гораст Цветковски од МАГДА вели дека глобалниот „Global Game Jam“ иницијално беше 48 часовен маратон и се одржуваше во живо. Од пред две години заради пандемијата се префрли онлајн и хибридно.
„Се надеваме дека догодина ќе се вратиме повторно во прво лице. Лани се одржа во 104 земји на 585 локации, а се сретнаа 28.825 џемери. Ова е децентрализиран настан и може секој да го направи, кај нас тоа е МАГДА“, вели Цветковски, ко-основач на МАГДА и гејминг ток шоуто gg.mk.
МАГДА е на ставот дека „Global Game Jam Македонија“ е можеби единствениот момент кога сите оние кои развиваат или сакаат да развиваат игри, немаат притисок од некој над нив, веќе започнат проект или нешто кое мораат да го направат. На #ggjm се експериментира, испробува, креира. Истовремено, дружењето, запознавањето нови луѓе, соработките и истражувањето се најголемите адути и бенефити.
Затоа, Асоцијацијата потенцира дека секој професионалец кој работи во индустријата за креирање и развивање на игри го препорачува гејм-џемањето како задолжителна лектира.
„Настанот секоја година има различна тема. Кога беше во живо, темата се чуваше во тајност до последен момент, но откако е онлајн, темата е достапна неколку дена претходно. Откако ќе дојдат луѓето се презентира темата, оваа година тоа е Duality или Дуализам. Потоа сите имаат време за брејнстормање на идеи (во живо беше еден час, сега еден ден). Потоа доаѓаат и си ги претставуваат своите идеи за потоа да се формираат тимови меѓу сите оние на кои им се допаѓа некоја идеја“, објаснува Цветковски.
Според него, убавината тука е што секој може да работи на повеќе игри доколку има време и сака. Исто така, доколку дојде некој кој има идеја, а не знае да програмира, тогаш формира тим од други луѓе за да му помогнат.
„Колаборацијата, истражувањето, експериментирањето и правење на прототипи е бесценето богатство кое ретко кој може да си го дозволи“, потенцира Цветковски.
Настанот досега е прилично посетуван. За 10 години на „Global Game Jam Македонија“ се сретнаа повеќе од 2.200 професионални развивачи на игри и ентузијасти, се направија 255 игри и Македонија влезе во топ 5 земји според изработени игри по глава на жител. Бевме и меѓу првите 10 земји според бројот на учесници и сè уште сме една од најактивните и најбројните.
На прашањето дали треба некаква државна или бизнис поддршка на сите овие развивачи на игри и надвор од настанот, за да можат да продолжат со својата дејност, Цветковски вели дека #ggjm досега се самофинансира. Односно се спонзорира од пријатели-компании кои сакаат да го поддржат гејм-дев секторот.
„Поддршка од државата немало скоро никаква. Освен отстапувањето на ФИНКИ како локација за одржување (што впрочем е одлука на ФИНКИ) со друго не може да се пофали дека помогнала државата, не само на #ggjm туку и општо на гејм-дев секторот. Досега (последните 15 години) знаеме само за два-три случаи каде на некаков начин државата дала буст на проект од ваков тип, односно игра“, забележува Цветковски од МАГДА.
Кога се во прашање развивачите на игри, Македонија минатите години направи неколку светски успеси. Цветковски потсетува на двете игри на „Furious Avocado“ кои беа број 1 на најпреземени игри на мобилни. Потоа компанијата „NapNok“ базирана во Скопје која направи две игри за „PlayStation“.
„Тука се ‘Tesseract Interactive’ кои за својата игра ‘Excubitor’ добија светски издавач, ‘The Dark1’ кои играта што ја направија на првиот #ggjm пред 10 години ја објавија на Steam (за среќа они добија средства за друга игра од државата), потоа ‘KAMAi MEDIA’ од Битола и ред други кои работат на свои проекти“, наведува Цветковски.
Ако пак го земеме генерално гејмерството, за тоа дали воопшто има некакви анализи колку е тоа застапено во Македонија со цел да произлезат соодветни планови и стратегии за оваа целна група, Цветковски потенцира дека гејмерството е широк поим.
„Има развивачи на игри, потоа е-атлети кои се натпреваруваат во игри и тука се гејмерите кои ги интересира гејминг културата и играњето. Едни со други се знаат, се поддржуваат, но работата им е различна. Со оглед на популарноста на игрите во денешно време, можам со сигурност да кажам дека барем 80% од луѓето на возраст од 10-30 години играат игри. Над 30 години тој процент се намалува, но малку и моја проценка е дека старосната граница за играње само ќе се пролонгира“, констатира тој.
Бојан Шашевски