Подготовките за новото, 13-то издание на најголемиот летен музички фестивал во Македонија, „Д Фестивал“ се започнати. Оваа година тридневното фестивалско доживување ќе се случува од 30 јуни до 2 јули, со репертоар кој допрва ќе биде откриен, а веќе од денеска официјално се отворени повиците за пријавување на заинтересираните учесници во различните програмски сегменти на Фестивалот.
„Пред секое ново издание, ‘Д Фестивал’ повикува заедно да ја изградиме приказната на еден од омилените фестивалски викенди во годината. Сите заинтересирани ќе ја имаат таа можност и оваа година, преку пријавување на отворен повик да бидат избрани да се дел од неа. Според своите интереси и желба како сакаат да учествуваат на фестивалот, повикот е отворен во три категории: креативци, музичари и волонтери“, велат од „Пасворд Продукција“.
Од таму посочуваат дека репертоарот на „Д Фестивал“ вклучува богата дневна програма со разновидни активности кои под едно име припаѓаат на „ПлоштАрт“ зоната.
„Таа зона е мултимедијален центар во срцевината на фестивалот каде се добредојдени сите креативни идеи. Тоа ги вклучува сите здруженија, индивидуалци, уметници, аниматори, активисти или ракотворци кои сакаат да ги претстават своите дела на „Д-Фановите’“, соопштува „Пасворд“.
Оние кои имаат идеја за работилница, дискусија, арт-инсталација, сакаат да го покажат својот бренд, рачна изработка, илустрација фотографија или имаат нешто што досега не е видено можат да се пријават ТУКА.
Приоритет на музичката програма на фестивалот се секогаш новите изведувачи од домашната музичка сцена. Без рестрикции во жанрови, дали сте соло изведувач или група, доколку имате своја музика која сакате да ја претставите на „Д Фестивал“ публиката пријавете се ТУКА.
„Секако клучен дел во реализацијата на ваквата амбициозна програма и „будење“ на фестивалската магија се волонтерите. Доколку не се пронаоѓате во претходните две категории, а сепак сакате да помогнете 13-тото издание да биде најдобро досега, дознајте како можете да го сторите тоа ТУКА“, велат организаторите.
Од „Пасворд“ потсетуваат дека „Д Фестивал“ е најпосетениот летен музички фестивал во Македонија, кој се одржува во Дојран со традиција од 12 години. Лани овој уникатен настан беше домаќин на над 15.000 посетители и повеќе од 100 музички изведувачи, уметници и активисти кои го одбележаа фестивалскиот викенд со импресивна мултимедијална програма во вкупно 15 различни бини и програмски зони.
„Нема сомнеж дека тоа е најмалку што нѐ очекува и годинава, имајќи предвид дека ‘Д Фестивал’ со секое издание станува сѐ поголем, а наскоро нѐ очекуваат многу новости од репертоарот на следната Д едиција“, соопштува „Пасворд“.