Да не се подменуваат производи со поминат рок во новогодишните пакетчиња, апелира АХВ

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) почнува да спроведува засилени, вонредни контроли кај операторите со храна.

Со цел заштита на здравјето на најмладата популација потрошувачи – децата, велат од АХВ, акцент на контролите ќе се стави на новогодишните пакетчиња и нивната безбедност.

„Како одговорна институција за безбедноста на храната, заштита на здравјето на граѓаните и нивните права како потрошувачи, АХВ апелира до операторите со храна да бидат одговорни компании и да не се обидуваат да манипулираат со потрошувачите, особено со новогодишните пакетчиња, во збирното пакување подметнувајќи и небезбедни производи, најчесто со поминат рок на употреба. За ваквите недоследности, граѓаните веќе алармираат до Агенцијата“, стои во соопштението на АХВ.

Со засилените контроли кај операторите со храна ќе се утврдува исполнетоста на општите и посебните услови за безбедност на храната, акцент ќе се стави на означувањето, особено на трајноста на производите и заштита на потрошувачите од измама.

„Како одговорна институција апелираме и до граѓаните да бидат одговорни купувачи и храна да купуваат од регистрирани/одобрени објекти кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство“,

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk.