Стоп за руската агресија и затворање на небото над Украина денеска побараа граѓаните кои се собраа кај скопскиот плоштад „Македонија“, откако Здружението на Украинците „Лесја Украинка“ иницираше протест против инвазијата.
Собирот траеше околу еден час. Се пееше украинската химна, со транспаренти се искажуваа пораки против војната во Украина, а граѓани можеа да остават и хуманитарна помош.
Претседателот на „Лесја Украинка“, Олександар Урбанович, за Радио МОФ вели дека уште од третиот ден се протестира низ целиот свет.
„Целта е НАТО да го затвори небото над Украина. За да нема авиони, тие намерно ги бомбардираат зградите, школите, градинките и породилните одделенија. Во тоа нема човечност и хуманост. Затоа, да се затвори небото, Украина ќе биде побезбедна, и нуклеарните централи ќе бидат безбедни“, истакна Урбанович.
Тој вели дека се во постојана комуникација со Светскиот конгрес на Украина, но и заеднички делуваат со граѓаните што протестираат ширум Европа.
Напомена дека oд вчера на плоштадот е отворен хуманитарен пункт, а во Ѓорче Петров има таков од понеделникот. Пунктот работи од осум наутро до осум навечер.
„Сакаме да отвориме вакви пунктови низ цела Македонија. Веќе имаме и во Делчево, Крива Паланка, Охрид, Битола, Прилеп и Тетово. Многу луѓе сакаат да донираат. Секоја помош е добредојдена, ние сме многу благодарни за поддршката од братскиот македонски народ“, изјави Урбанович.
Пред присутните новинари се обрати и Тамила Велковска. Таа говореше на македонски јазик, бидејќи, како што рече, овде се присутни и Украинци, Македонци, Албанци, па и Руси кои не ја поддржуваат војната.
„Јас сум Украинка и мојот мајчин јазик е рускиот. Потекнувам од мало рударско градче од Украина, на 30 километри од нуклеарната централа која пред два денови беше зафатена од руските окупатори. Тоа градче уште пред 30-ина години е населено со Руси, рудари дојдени од Урал и нивните потомци. Тоа население моментално е излезено, со голи раце да им покажат на окупаторите дека не се пожелни на таа земја“, рече Велковска.
Украинците овие 11 денови имаат само еден миг, вели таа, сабајле кога ќе се разбудат и освестат, сфаќаат дека целиот хорор не е сон, туку реалност.
„Цели градови се буквално избришани. Насекаде има безброј парчосани тела. Целата земја е во оган. Украина цела гори, како што горат нашите души од болка и гнев. Не зборувам за политики. Зборувам од гледна точка на обичен човек. Колку жртви има? Колку свадби никогаш нема да се направат? Колку деца никогаш нема да се родат? И, тоа е во двете земји! Колку градини нема да процветаат? Милиони изгубени соништа, растурени семејства, милиони луѓе со растурена психа, безброј луѓе кои не им остана ништо – освен нивните животи“, посочи Велковска.
Според неа, Русија во оваа војна против Украина пречкртала се’ што има во историјата направено против нацизмот.
„Ги избриша сите свои достигнувања, така да уште многу години ‘рускиот мир’ ќе биде синоним на агресија, деструкција и лага. Треба да се затвори воздушниот простор над Украина, бидејќи може да предизвика ескалација и да се прелее и во други земји“, рече таа, заблагодарувајќи се на Македонија за официјалната поддршка на Украина, како и на секој граѓанин што настапил со овој став.
Инаку, протести се шират и низ Европа. Неколку илјади демонстранти вчера попладнето се собраа во Париз за да протестираат против руската инвазија на Украина и да кажат „не на војната”. Стотици жители се собраа и на лондонскиот плоштад Трафалгар, во главниот град на Велика Британија, како и во италијанскиот главен град Рим.
Во Украина, Мариупол веќе со денови е под опсада на руските сили и интензивно се гранатираше, при што беше предупредено дека му претстои хуманитарна катастрофа, бидејќи во градот нема вода, струја, греење, лекови и мобилни врски. Ниту денешниот обид за организирање хуманитарен коридор од Мариупол не успеа, а проруските сепаратисти и украинската национална гарда меѓусебно се обвинуваат за кршење на првременото примирје.
Откако почна руската инвазија на 24 февруари, УНХЦР алармираше дека повеќе од 1,5 милиони бегалци од Украина ја преминале границата во соседните држави во период од само 10-ина денови, што е најбрзо растечката бегалска криза од Втората светска војна.
Мартин Колоски / Бојан Шашевски