Дискусија за тоа како медиумската и информациската писменост може да им помогне на младите да стекнат доверба во медиумите, но и да научат да користат нови медиумски алатки за да влијаат на позитивните општествени промени, се дел од активностите на меѓународниот симпозиум „Да си го вратиме назад просторот за дигитални информации“, организиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Симпозиумот ќе се одржи на 23 февруари , четврток, во Хотел Александар Палас со почеток во 09 и 30 часот.
На симпозиумот ќе учествуваат говорници со различни позадини – академици, млади активисти, експерти во областа, и истражувачи од САД, ЕУ и Западен Балкан.
Тие ќе ги истакнат различните пристапи за проучување на клучните прашања за медиумската писменост, образованието за медиумска писменост во дигиталната ера, како и улогата на медиумската писменост во промовирањето граѓански ангажман и дигитално граѓанство.
За учество на конференцијата, потребно е да се регистрирате на формуларот за регистрација, најдоцна до 20 февруари во 16 часот.
„За регистрираните учесници надвор од Скопје ќе биде обезбедено покривање на трошоците за патување во висина на автобуски билет, само со приложување на сметката и билетот на увид. Поради ограниченоста на средствата, трошоците ќе бидат покриени по принципот ‘прв дојден, прв услужен’“, напоменуваат од ИКС.