Да зборуваме за секс

Чичко Гугл е првиот извор на информации кому младите се доверуваат кога ги интересира нешто за сексот или кога ќе увидат некаква промена на своите тела за време на пубертетот. Потоа доаѓаат другар(к)ите кои можеби поминале низ истото, па имаат искуство да споделат. Дури на крај доаѓаат родителите и стручните лица со кои речиси и воопшто да не зборуваат на темава. Ова е заклучокот што го добивме откако Радио МОФ ги праша своите млади следбеници на Инстаграм за искуствата од првиот секс, информирањето за него и генерално односот со семејството на оваа тема.

Како дел од младите го опишуваат своето прво сексуално искуство

Од оваа година започнува пилот проект во четири паралелки од деветто одделение во четири основни училишта во Скопје и Тетово, во урбана и рурална средина, каде ќе се спроведува сеопфатно сексуално образование. Овој процес од самиот почеток предизвика страв, револт и сомнеж меѓу некои родители за начинот како ќе се изведува и што ќе вклучува наставата. Други, пак, го поздравуваат овој потег надевајќи се дека нивните деца ќе бидат спремни пред да се впуштат во сексуални активности.

С.М. е мајка на 15-годишен тинејџер од Скопје која верува дека репродуктивното здравје на младите е од огромна важност бидејќи одредува како ќе им функционира добар дел од животот понатаму.

„Полошо е да не знаат децата со што си имаат работа во животот отколку да се информирани на време. Јас на син ми му кажав дека се додека нема сексуална едукација, за да знае кои се сексуално преносливи болести, како да се заштити од нив и непланирана бременост, дека не треба да биде сексуално активен. Затоа што не можеш да правиш нешто, а да не ги знаеш сите последици од тоа. Да, океј, сè е тоа за забава и кога си млад не размислуваш така, но тоа е многу подлабоко“, сметаа оваа мајка.

Таа се потсетува во нејзиното минато кога имало обид да се зборува за секс во училиштата, но според неа тоа било неумешно и смешно.

„Ако е само еднаш во пет години, еден час кој ќе пројде во срамота и тишина, бидејќи претпоставувам само тоа се случува на ниво на државава, тоа е практично никакво сексуално образование. Треба да се има почесто, но не знам што би можеле тие [училиштата] да доловат на децава, да спуштат на нивна возраст за тоа да биде приемчиво“, посочува С.М.

Она што таа го направила за својот син кога почувствувала дека е време да се седне и зборува на темата, е низ средина каде тој е опуштен да му објасни што значат промените во телото и што е пубертетот. Ова според неа е важно, не само од хигиенски аспект, туку и поради менталното здравје, па и репродуктивното здравје кога ќе дојде време за тоа.

„Се срамеше на почетокот, беше незгодно. Сепак тоа е тема којашто верувам дека на ниедно дете нема да му биде сеедно кога ќе му кажуваш таква работа. Тоа е големо залче. Но, со син ми сум воспоставила однос во кој што тој може слободно да ме праша за било што и да му биде објаснето и одговорено. Му имам објаснето дека подобро е мене да ме праша отколку да ги прашува врсниците, затоа што може да добие дезинформација“, посочува мајката.

[Видео] На час: Што опфаќа сексуалното образование

Штркот НЕ ги носи децата…

„Најмногу учев од интернет, што не е препорачливо, но тоа го правиме бидејќи е единствениот начин. Затоа целиме кон сексуалното образование, да им дадеме на младите друг начин да се едуцираат, што е многу подобар и поинформативен, но и поточен“. Со овие зборови го започнавме разговорот со Ивана Цилевска, од неодамна едукаторка за сеопфатно сексуално образование во ХЕРА и студентка по психологија.

Според неа, во државата не се зборува отворено за сексот бидејќи сè уште е табу тема дури и меѓу самите млади. Но, како што посочува, само со излегување надвор од комфорната зона ќе има некаков напредок.

Како дел од младите се информираат за сексот/Инстаграм анкета

„Нешто што секој треба да го знае е согласноста. Мислам дека околу тоа има многу дилеми во Македонија, дека „не“ значи оти некој треба да биде поупорен во што и да наумил. Всушност „не“ значи „не“. Така што на согласност треба многу да се даде внимание. Исто така, контрацепцијата, секако. Двојната заштита како што е користење на кондом и друго контрацептивен метод“, смета Цилевска.

Минатата година таа се пријавила да стане едукаторка по сеопфатно сексуално образование. Вели дека научила многу за теми и аспекти кои не ги знаела дотогаш, како на пример детали околу сексуално преносливите болести, насилството во врските, па и човекови права.

„Ни треба долг процес на менување на начинот на размислување кај општеството за да се увиди дека навистина може да се направи разлика ако родителите зборуваат со децата за тоа, да не се избегнува таа тема, да се зборува штом детето ќе праша. Дури гледам и во филмовите како се објаснува „штркот ги носи децата“. Буквално се одбегнува секаков муабет на таа тема, а всушност многу млади ќе бидат пообразовани и ќе знаат да се заштитат од непланирана бременост, од сексуално преносливи инфекции и ХИВ“, истакнува младата Цилевска.

Според неа, младите не треба да размислуваат дека се имуни на последиците кои може да произлезат со неинформираноста. Но, и тоа што е достапно онлајн како информација, често може да биде погрешно разбрано.

„Еден пример што ми доаѓа сега на памет е во филм, пред да има однос со партнерката, момчето го кине со заби кондомот. Тоа не треба да се случи. А бидејќи брзаат, го кине со заби и помладиве го гледаат тоа и си велат „аха, така треба“, што не е точно. Така може да го оштетиш кондомот и да пукне и да е бескорисен“, вели Цилевска.

Сексуалното образование ја намалува љубопитноста 

Кога младите ќе знаат што претставува сексот и ќе имаат личност доволно доверлива да им ги објасни сите двоумења, љубопитноста ќе се намали, а со тоа и ќе се зголеми возрасната граница за првиот секс, појаснува гинекологот Елизабета Миланова од „Неуромедика“.

Со сексуалното образование, вели таа, не се зборува за сексуални пози, туку за основните работи – од тоа што значи ејакулација, што значи оргазам, што значи прва менструација, зошто растат мустаќи кај машките, каков да биде првиот сексуален однос… Веќе во пубертетот, појаснува Миланова, се појавува либидото, односно сексуалната желба. И овде, според неа, е важно тие да прават разлика помеѓу физичко и емотивно созревање.

„Младите физички созреваат почнувајќи од 10 години. Кога ќе достигнат 37 килограми, кај девојчињата и момчињата почнуваат да се јавуваат секундарни карактеристики. Кај машките се јавува ејакулација на чаршавот и тие се чудат што е тоа. Ги фаќа паника. Тоа ќе им биде објаснето во училиште имајќи го сексуалното образование. Многу девојчиња се срамат од своите гради, одат подгрбавени. Ќе им биде објаснето дека дојките всушност треба да ги имаат, дека тие имаат одредена функција во нашиот живот. На тој начин тие ќе созреваат со сексуално образование многу побрзо во осознавањата. Затоа нема да бидат љубопитни „чекај, другарка ми имаше односи, сакам и јас да имам“, објаснува Миланова.

Емотивното созревање, пак, е да знаат да се заштитат од сексуално преносливи инфекции, непланирана бременост во тинејџерските години, но и да распознаваат кога имаат чувства кон некој и да знаат зошто не треба да имаат секс под дејство на алкохол или само затоа што некој од друштвото веќе имал.

Најстресни денови за Миланова во нејзиното 32-годишно искуство се кога во нејзината ординација доаѓаат пациентки кои доживеале сексуално насилство, било од својот партнер или пак од член во семејството. Најчесто, вели таа, тоа се девојки за кои е потребен трпелив муабет за да се опуштат да зборуваат за трауматичното искуство.

Но, има и случаи во кои родители доаѓаат со своите ќерки на консултации кај Миланова веднаш по првиот секс. Шест месеци од првото сексуално искуство се прави ПАП-тест со кој се утврдува дали девојката има ХПВ инфекции, кои се меѓу најчестите полово преносливи болести што ги предизвикува Humani pаpiloma virus. Сепак, сексуално преносливите инфекции не се пренесуваат само вагинално, туку и анално или при орален секс, посочува гинекологот.

„ХПВ може да се третира, но многу тешко може да се извади од организмот, поточно од гениталниот тракт кај момчето и девојчето. Карциномот на грлото на матката, на вулвата, на вагината и на пенисот, е единствениот карцином каде во 99 отсто знаеме дека ХПВ вирусот е причина за тоа. Тој е еден од најсериозните преносливи сексуални заболувања. Тие мора да се едуцираат да не дојде до тоа. Сексуалните односи да им бидат заштитени, да имаат добар сон, со здрава исхрана и на тој начин да го зголемат имунитетот“, советува Миланова.

Миланова повторува дека ова може да се спречи ако младите се сексуално образовани.

На младите им треба поддршка да зборуваат за сексот

Како првото сексуално искуство ќе влијае врз целокупната добросостојба на младиот човек, зависи од голем број фактори, како што се емоционалната, физичката и социјалната зрелост, доброволноста на чинот, личните карактеристики, квалитетот на партнерскиот однос, реакцијата на средината и можните несакани последици, потврдува д-р Николина Кениг, редовна професорка по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Сепак, истражувањата почесто покажуваат негативни психолошки последици од влегувањето во сексуални односи во тинејџерски години, особено кај девојчињата, истакнува таа. Ова се должи генерално заради двојни сексуални стандарди, а најмногу, затоа што тие се многу почесто во позиција да трпат притисоци за влегување во прв сексуален однос и тогаш кога не се целосно подготвени, смета професорката.

„Притисоците се некогаш суптилни, во форма на емоционална манипулација, или, споредба со врсниците, но не се исклучени и побрутални форми на насилство. Она што е можеби најинтересно за младите се наодите од истражувањата кои зборуваат за тоа дека околу половината од тинејџерките кои имале прв сексуален однос пред полнолетството, тоа го направиле затоа што биле на некој начин притиснати и дека за таа своја одлука се каат. Оттука, неподготвеноста за влегување во сексуални односи не се состои само во слабата информираност за превенција на тинејџерска бременост или сексуално преносливи инфекции, туку и во отсуството на автентична желба да се изрази интимност и поврзаност, проследена со неможност да се одговори на сите предизвици кои може да ги донесе влегувањето во сексуални односи“, вели Кениг.

Поради ова, таа смета дека наместо сексуалното образование да се табуизира, на младите им е потребна силна поддршка за да стекнат вештини за соодветно да комуницираат во оваа сфера, да научат што е сексуална согласност, како и кога таа се добива и да се охрабрат, за проблемите кои ги мачат, да се обраќаат на соодветно место.

Сепак, Кениг појаснува дека она што би ги интересирало шестгодишните деца и што би било соодветно да им се изложи и како информација и како пристап, не важи исто и за адолесцентите и обратно.

„На пример, помалите деца треба да ги осознаат деловите од своето тело, начините како да се препознаат сексуална злоупотреба и каде да побараат помош, додека за тинејџерите се релевантни и содржини како заштита од сексуално преносливи инфекции и непланирана бременост.  Од „равенството“ не може да се пренебрегне и дека еден од клучните фактори кои одредуваат кога ќе почне, дали ќе почне и како ќе се зборува за сексот и сексуалноста е и вредносниот систем на мејнстрим културата, па затоа, културните норми исто така мора да се земат предвид кога се размислува за ова прашање“, смета универзитетската професорка.

Низ истражувањата по кои се води Кениг, младите соопштуваат дека за различни прашања од сферата на сексуалноста се потпираат на искуства од врсници, специјализирани сајтови, или, на совети споделени од анонимни лица на различни форуми.

Колку младите разговараат со своите родители за секс/Инстаграм анкета

„Неодамнешната меѓународна студија на УНЕСКО во која беа вклучени млади од 112 земји, потврди дека за адолесцентите од 15 до 18 години, дигиталниот простор и консултациите со врсниците се најчесто консултирани за прашања во врска со сексот и сексуалноста. Возрасната група од 10 до 14 години исто така се потпира главно на овие две мрежи, но со поголема претпазливост да не бидат откриени од страна на возрасните. Ова не значи дека родителите се потполно исклучени, но реалноста недвосмислено упатува на тоа дека тие се консултираат исклучително ретко, наспроти свесноста на тинејџерите дека нивните одговори веројатно би биле повалидни. Причините за ова може да се бараат во генерацискиот јаз, табуизираноста на темата, имплицитните двојни пораки што им  се испраќаат во врска со темата, или, претпоставките (честопати оправдани) дека родителите ќе реагираат крајно несоодветно, или, дека немаат доволно познавања за одредена тема. Во најмал процент, за жал, тинејџерите се обраќаат на релевантни стручни лица, што сигурно може да се припише на пред сé на тоа дека системот не инвестира доволно во информирање на младите за ваквата можност и во обезбедување лесно достапни специјализирани сервиси“, образложува Кениг.

За сексуално образование се зборува на форуми

Според неа, проблемот со масовното потпирање на интернетот како главен ресурс за сознанија поврзани со сексуалноста не е само во тоа дека тие може да дезинформираат, туку и дека е невозможно да се контролира какви вредносни пораки и очекувања се пренесуваат низ овој медиум.

„Најголемиот дел од порнографската продукција, но и поп-културните производи најексплицитно промовираат насилство, оптоварени се со објектификација, нереалистични претстави за женственоста, за машкоста и за телесните аспекти на сексуалноста. Како пример за тоа какви се моделите за идентификација, само ќе наведам дека е сосема веројатно, токму адолесцентите да учествуваат со висок процент како консументи на најпребаруваните, односно најгледаните жанрови кои ги објави Porn Hub за последниве години: секс со вонземјани (Alien), со анимирани ликови од различни популарни видео игри (како Fortnite) и аматерски снимки пуштени за одмазда. Мошне често се симнуваат и содржини каде главна тема се сексуални односи со малолетни девојки и секс во интерсемејни релации“, реагира Кениг.

А кога очекувањата од сексуалниот чин и  постигнувањето на сексуалното задоволство се засноваат на вакви претстави, според Кениг, потенцијалниот ризик за нормализирање на сексуалното насилство, за потценување на жените, за градење интимните врски со лош квалитет, па и нарушувања на телесната слика за себе кај младите е многу висок.

Кога станува збор за што понатаму, С.М., мајката на тинејџерот од Скопје, смета дека генералниот страв кој постои меѓу родителите е кој и што би им кажал на децата, а да не е дезинформација, или различно од она што е лично убедување на родителите.

„Во принцип, се повлекуваат многу табу теми затоа што не секој разговара дома за секс, репродукција… Многу се коси со личните убедувања на поединци затоа што тоа е исто како со религијата. Не секој сака, а има некому што му е многу битно“, смета таа.

Следната фаза од проектот е сексуалното образование да биде дел од изборните предмети во дваесетина училишта. Наставната програма е подготвена заедно со експерти и со Бирото за развој на образованието и се состои од 36 училишни часа.

Е.П.