Во сабота, во Капан Ан гостува швајцарското дабстеп дуо Dubexmachina Soundsystem. Станува збор за артисти, кои го негуваат изворниот звук на жанрот, кој го преплави светот во последниве неколку години. Гајас и Њуком, попознати како Dubexmachina Soundsystem, веќе една деценија ги истражуваат длабочините на ниските фреквенции и магијата на пригушени звуци и хипнотички ритмови на бас музиката.
Дуото има настапи низ цела Европа, како и низ САД. Настапувале заедно со најголемите имиња на изворниот дабстеп: Mala, Kode9, Pinch, 2562, Scuba, Martyn, Shackleton, Kryptic Minds, Dj Chef, Caspa, Vivek…
Покрај настапот на Dubexmachina Soundsystem, саботната вечер во Капан Ан ќе ја збогатат македонските бас артисти Аномалиа Натива, а влезници можат да се купат на врата по симболична сцена од 150 денари.
Претставувањето на Dubexmachina Soundsystem од Швајцарија е дел од циклусот гостувања „Три тејковери”, во чии рамки дефилираат шест диџеи, низ три жанра на електронската бас музика – драменбејс, џангл и дабстеп. Заслугата за овој серијал настани, кој го враќа главниот град на Македонија на мапата на европската клабинг сцена – припаѓа на Скопје Вавилон, заедно со организациската логистика на MJM (Macedonian Junglist Movement).