„Daikaiju“ и „Niandra“ вечерва свират во МКЦ

МКЦ Скопје денеска организира концерт на американската сурф/панк/нојз сензација „Daikaiju“. Она што треба посетителите да го знаат за „Daikaiju“ е дека тие се гласен, но во суштина инструментален бенд.

Според најавата, „Daikaiju“ се мистериозна појава на звук и слики за прв пат забележани зимата 1999 година. Како бурни претставници на звучниот хаос, „Daikaiju“ се инспирираат од звукот на брановите кои удираат и создаваат музика на начин што влева шок и стравопочит кај сите кои ги искусуваат нивните настапи во живо.

„Високо интерактивна и конфронтирачка изведба која буквално ја вовлекува публиката во огромниот вител на звук што го генерираат. Скриени зад маски, оваа трупа од мистериозни луѓе создава мутиран стил на епски, инструментален рок со висока енергија, кој беспрекорно вклучува широк спектар на музички стилови, вклучувајќи сурф, панк, нојз, метал, психоделичен и прогресивен рок“, се вели во најавата.

Како и нејзиниот имењак, музиката на „Daikaiju“ е голем, мистериозен ѕвер.

„Привлечните мелодии, силните рифови и променливата динамика се спојуваат заедно за да создадат песни кои го охрабруваат слушателот да ја доживее тајната историја на универзумот – фантастична реалност на џиновски чудовишта, супер луѓе и вонземски инвазии.

Инаку, вечерта ја отвара новото скопско експлозивно трио Niandra, кое изминатиов период имаше свирка на „Engage“, а потоа и во СЦ „Дуња“ и во куманово во „Валхала“.

Билети по цена од 300 денари достапни на Билетарницата на МКЦ и онлајн. На врата цена на билет изнесува 400 денари.