„Дајте ни крилја“: Секое училиште во земјава го крши законот!

„Дајте ни крилја“: Секое училиште во земјава го крши законот!Децата со посебни потреби не се примаат во училиштата под изговор дека немаат вработени дефектолози и логопеди, а нивните родители се условуваат самите да најмат специјален едукатор и сето тоа на свој грб.

Ова е реакцијата на здружението „Дајте ни Крилја“ на одлуката на Владата за вработување на психолози и педагози, која предизвика револт кај родителите на деца со посебни потреби, бидејќи тие со години укажуваат на недостатокот од дефектолози и логопеди во училиштата.

„Одлуката за вработување на 294 психолози и педагози по училиштата низ  Македонија, громогласно ќе ја поздравевме доколку некој се сетеше на нашите маки и во нив предвидеше вработувања на специјални едукатори кои ќе им помогнеа на нашите деца да бидат еднакви како и другите, впрочем нели сите еднакви се раѓаме, а образованието е задолжително во нашата земја?! Почитувани Министри, Вие кои ја кроите нашата судбина. Во 2011 година Македонија ја ратификуваше OН конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби, а ние ќе ве потсетиме и за законот кој го донесовте односно на членовите кои обврзуваат на инклузија на децата со посебни потреби во рамките на образовниот систем“, велат од здружението.

Според нив, секое училиште во земјава го крши членот 30 од Законот за основно образование, бидејќи нема соодветни стручни лица кои ќе ги прилагодуваат наставните програми.

Маја Лазаревска од „Дајте ни крилја“ за Радио МОФ вели дека во целата држава се вработени само дваесетина дефектолози и родителите на децата со посебни потреби се принудени од свој џеб да плаќаат по 10 до 15 илјади денари месечно за дефектолог.

„Зошто се освежува тој кадар кога институциите уште во 2011 се обврзале да вработат дефектолози? Родителите кои имаат пари, плаќаат за дефектолозите да работат со нивното дете, иако секое училиште треба да има вработен дефектолог. Никој не не признава како заедница која има одредени потреби“, вели Лазаревска.

Иако родителите на децата со посебни потреби велат дека државата веќе се обврзала да вработи дефектолози во секое училиште, од Министерството за образование и наука велат дека тие допрва ќе прават анализи за потребата од вакви вработувања.

„Ќе треба анализа да направиме како што направивме и за сегашните вработувања, ќе согледаме колку е реалната потреба, па потоа ќе излеземе со конкретни податоци и мерки“, вели портпаролот на МОН, Давор Политов за Радио МОФ.

Според Законот за основно образование, образованието за учениците со посебни образовни потреби се остварува во посебни основни училишта и во посебни паралелки при редовните основни училишта, а задолжителните и изборните предмети се реализираат со прилагодените програми според нивните посебни образовни потреби. Во паралелките во кои има ученици со посебни образовни потреби, може да се ангажира и дефектолог за работа со учениците со посебни образовни потреби, а учениците имаат право на бесплатен превоз без оглед на оддалеченоста на нивното место на живеење до основното училиште. Глоба во износ од 2500-3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на основното училиште, ако во основното училиште се врши дискриминација или пак ако задолжителните и изборните предмети за учениците со посебни образовни потреби се реализираат спротивно на законот.

К.О.