Во февруари се одбележуваат 20 години од снимањето на култниот британски филм „Trainspotting“, а режисерот потврди дека се работи на продолжение.
Оскаровецот Danny Boyle соопшти дека сите четири главни актери сакаат да се вратат и да снимаат продолжение. Тоа значи дека Ewan McGregor, Jonny Lee Miller, Robert Carlyle, и Ewen Bremner повторно ќе ги преземат улогите на ликовите Renton, Sick Boy, Begbie, и Spud, четирите млади зависници на дрога и нивните секојдневни случки во животот.
„Сега е важно само да се совпаднат нивните распореди што е сложено со оглед на тоа дека двајца од нив учествуваат во американски ТВ серии“, изјави режисерот.
Boyle мислеше на 42-годишниот Lee Miller, кој го игра Sherlock Holmes и 54-годишниот Carlyle, кој игра во серијата „Once Upon A Time“.
„Trainspotting“ беше преплавен со позитивни критики кога излезе во 1996 година, а денеска е признаен како еден од најголемите британски филмови на сите времиња. Голем дел од пофалбите беа наменети за изборот на музиката што ја сочинуваа хитот „Lust For Life“ на Iggy Pop, како и дела на Underworld, Primal Scream, Elastica и многу други.