Данска е првата европска земја која почна да им ги отповикува дозволите за престој на сириски бегалци, инсистирајќи дека делови од нивната земја се безбедни за враќање, јавува „Гардијан“.
На најмалку 189 Сиријци, од минатото лето им било одбиено барањето за обновување на статусот на привремени жители, потег кој данските власти го правдаат со извештај кој покажува дека безбедносната ситуација во некои делови на Сирија е „значително подобрена“.
Моментално пак, се преиспитува статусот на околу 500 луѓе кои потекнуваат од градот Дамаск и околните области.
Проблемот предизвика пошироко внимание на јавноста, откако 19-годишната Аја Абу-Дахер од Ниборг, претходно на телевизија го изнесе случајот со нејзиното семејство, запрашувајќи се „што сторила погрешно“.
Генералната секретарка на Данскиот совет за бегалци, Шарлот Сленте, изјави дека новите правила на Данска кон Сиријците претставуваат „недостоинствен третман“.
„Данскиот совет за бегалци не се согласува дека Дамаск или која било област во Сирија е безбедна за враќање на бегалците, тоа што нема борби во некои региони, не значи дека е безбедно за луѓето да се вратат. Ниту Обединетите нации, ниту другите земји не го сметаат Дамаск за безбеден“, вели Сленте.
По десет годишната војна, Башар Ал-Асад ја врати контролата во најголемиот дел од земјката, а борби има само во северниот дел на Сирија.
Во Данска живеат 5.8 милиони луѓе, од кои 500.000 се имигранти, додека 35.000 се Сиријци.