Дарио Николовски, првиот човек на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции, се повлече од функцијата и стана директор на Државен студентски дом – Скопје, под чија капа спаѓаат сите студентски домови во главниот град.
“Студентските домови предолго беа запуштени од претходната власт, а распределбата на легла се вршеше по партиски клуч. Ја преземам оваа одговорна позиција со цел да ги променам работите и начинот на кој студентските домови функционираат”, изјави тој за медиумите.
Вели негови приоритети ќе бидат подобрување на условите во домовите, департизација и фер пристап до домовите согласно прописите, како и враќање на довербата во оваа институција. Најави и план за “менување на состојбите на подобро”.
Инаку, Николовски е дипломиран правник, кој своевремено работел во шпедицијата “Караорман” и во компанијата со мешовит капитал “Ѓиан Вики”, каде бил раководител на секторот за човечки ресурси. Функцијата ќе ја преземе од Атанас Бојчев, кој пак, беше долгогодишен раководител на Одделот за исхрана во Државниот студентски центар-Скопје.