Подемот и падот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), што се случува со предметите кои ги водеше оваа институција, но и колку граѓаните веруваат во судството? На овие теми Радио МОФ разговараше со Дарко Аврамовски, претставник од Коалицијата „Сите за правично судење“, која изминативе четири години ја следеше работата на СЈО преку базата Судско Досие.
На онлајн-платформата се внесени сите дваесет предмети кои ги водеше оваа институција, а Аврамовски зборува и за важноста на ваквите податоци за граѓаните.
Зошто одбравте да ги соберете и објавите информациите со предметите на СЈО?
Имајќи ги предвид сите околности кои ги придружуваа овие предмети, истите беа проследени со исклучително висок интерес на јавноста. Поради тоа, сметавме дека перцепцијата на јавноста за функционирањето на судството и примената на стандардите за фер и правично судење во голема мера ќе биде формирана врз основ токму на овие предмети, што всушност беше главната инспирација сите јавни податоци за овие предмети да се направат лесно достапни за сите заинтересирани лица.
Дали според собраните материјали, предметите ветуваат судска разврска?
Доколку се земе предвид дека постапувањето во овие предмети е исклучително споро во смисла на тоа дека делата кои се ставаат на товар се сторени во периодот од 2008 до 2014 година, истрагите се отворени дури во 2016 година, а судските постапки за најголемиот дел од предметите сѐ уште не се правосилно завршени, во дел од постапките настапи застарување, а во дел можноста за застарување на некои од кривичните дела сѐ уште постои. Сепак, повеќето од кривичните дела нема да застарат наскоро, па според тоа е веројатно дека ќе имаме судска разврска, но останува да видиме каков ќе биде конечниот епилог од постапките.
Колку често се забележани процедурални пропусти во случаите?
Морам да кажам дека професионалното постапување на судиите и обвинителите во овие предмети на СЈО е подобро отколку во останатите предмети кои не се окарактеризирани со толкав степен на јавност. За жал, иако многу поретко, сепак и во овие предмети можат да се сретнат ситуации кои би можеле да претставуваат потенцијално прекршување на Законот за кривичната постапка или Европската конвенција за човекови права, а меѓу другото се однесуваат на пристапот до доказите и еднаквоста на оружјата.
Што говори подемот и падот на СЈО за општествената ситуација во државава?
Би сакал да мислам дека подемот и падот на СЈО се добра лекција од која може да се извлечат неколку поуки. Како прво, целата оваа ситуација ни укажува дека ниту еден проблем не може да биде решен само со еднократно решение, без да постојат соодветни истражувања и дијагностика за појавата на проблемот, како и без да постои континуирано следење и оценување на имплементираните решенија со цел да се увиди дали истите ги постигнуваат посакуваните ефекти и дали се потребни дополнителни интервенции и модификации на предложените решенија. Подемот на СЈО ни укажува дека секогаш може да се пронајде волја и енергија за да се побараат решенија и да се подобрат состојбите, додека пак падот на СЈО ни укажува на сериозноста на корупцијата како појава која може да ги инфицира практично сите слоеви во општеството, но ни ја посочува и важноста на постоењето на системи и механизми за контрола над институциите.
Колку луѓе работеа на „Судско досие“?
На конкретниот проект за изработка на под – страната „Судско досие“ кој беше спроведуван со финансиска поддршка на Европската Унија преку Шемата за грантови, како дел од проектот ACTION SEE – Мрежа за отчетност, технологија и институционална отвореност во Југоисточна Европа, управуван од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, беа ангажирани 4 лица, но доколку се има предвид дека најголемиот дел од објавените податоци се изворно прибрани преку тековното работење на Коалицијата во изминатите 4 години, технички свој придонес даде целиот тим на Коалицијата.
Колку време траеше процесот за собирање на материјалите?
Податоците се прибираат од самото иницирање на предметите на СЈО, а бидејќи овие предмети сѐ уште се во судска постапка, прибирањето на податоците се одвива тековно, додека пак за самата систематизација, обработка и презентирање на податоците, како и креирањето на самата веб страна беа потребни нешто повеќе од 4 месеци.
Зошто ваквата веб страна е важна за јавноста?
Во отсуство на отвореност и транспаретност на институциите, како обвинителствата и судовите, информациите за тековните судски постапки доаѓаат од граѓанскиот сектор или медиумите. Оваа страна овозможува сите податоци да бидат достапни на едно место и истите да бидат систематизирани како хронолошки, така и тематски, со што се олеснува пристапот на граѓаните до овие податоци. На овој начин се приближува работата на правосудните институции до граѓаните со цел истите подобро да се запознаат со оваа тема, да се подобри нивната перцепција за перформансот на судството, но и да се овозможи зголемено граѓанско учество преку зајакнување на механизмите и начините за граѓанска контрола и мониторинг над овие институции.
Дали дигитализацијата на случаите може да ги направи судниците достапни за јавноста?
Иако овој начин не може да биде соодветна замена за присуството на јавноста во самите судници, ниту пак да биде замена за транспаретноста и отчетноста на институциите, на некој начин целта беше токму тоа, да се направат алтернативни начини на кои граѓаните ќе можат да ја исползуваат јавноста на судските постапки.
Моментално на „Судско досие“ се достапни само предметите на СЈО, но дали во иднина на јавноста ќе и се достапни судски предмети кои не се на СЈО, а се од јавен интерес?
Поради ограниченоста со време, човечки и финансиски ресурси до овој момент јавно се објавени само 20 судски досиеја и тоа на оние предмети кои беа иницирани од самото СЈО, а веќе се прават подготовки оваа страна да биде надополнета и со другите предмети кои се набљудувани од страна на Коалицијата, а се проследени со висок јавен интерес.
На дел од предметите постои алатка „Мегафон“ за што служи таа и како граѓаните може да ја користат?
Надоврзувајќи се на претходното прашање, „мегафонот“ е всушност симбол кој укажува дека за конкретниот предмет имало јавна реакција од страна на Коалицијата со која се упатува на внимателност во постапувањето од страна на судот, а со цел да се превенира прекршување на ЗКП или ЕКЧП и со тоа да се избегнат евентуалните негативни последици по предметот. Во оние досиеја кои се обележани со овој симбол се вградени линкови до јавно објавените реакции на Коалицијата.
После долго време поминато во македонските судници, дали Македонија е правна држава?
Владеењето на правото е еден од секторите каде се потребни сериозен ангажман и посветеност со цел да се унапредат состојбите, нешто што е констатирано и од Европската Унија, Советот на Европа и други меѓународни и домашни организации. Иако се забележува подобрување на состојбите, особено во поглед на транспарентноста и отвореноста на судовите кон јавноста, како и запазување на основните процедурални гаранции (како што се поуките за правата на обвинетите лица), сепак пред нас останувааат поголем број на предизвици кои треба да се надминат за да се постигнат задоволителни нивоа на фер и правично судење, како и солидна оцена на степенот на владеење на правото и еднаквоста пред законите во Македонија.
Колку граѓаните се потпираат на македонското судство?
За жал довербата на граѓаните во судството е загрижувачки ниска, според истражувањата на Евробарометар, 75% од граѓаните немаат доверба во судството, додека пак според истражувањето на Коалицијата спроведено во јануари 2018 година, 90% од граѓаните немаат доверба во судовите. Според овие бројки, не би можел да бидам оптимистички настроен кон тоа дека граѓаните се потпираат на судството и го доживуваат како сервис на граѓаните.
Ивана Смилевска