Дарко Митревски ќе го режира „Мис Стон“, според американски извори

Новиот македонски филм „Мис Стон“, кој треба да го режира Дарко Митревски, ќе почне со интензивните подготовки на крајот на април идната година, а снимањето е планирано да започне на почетокот на септември. Продуцентот Роберт Насков и режисерот Дарко Митревски во Битола на прес-конференција го претставија американскиот партнер, кој влезе во подготовките на филмот. 

Дарко Митревски ќе го режира „Мис Стон“, според американски извори
Станува збор за „Максмедија“, фирма која се занимава со продукција и дистрибуција и која е сместена во Лос Анџелес. Во Битола беше и продуцентката, сценаристка и режисерка Санмин Парк, инаку претставник на оваа фирма, која досега била инволвирана во многу познати филмски дела, како: „Другите“ на Алехандро Аменабар, „Небо од ванила“ на Камерон Кроу во продукцискиот дел, додека во дистрибуцијата на „Вообичаено осомничени“, „Фарго“, „И твојата мајка исто така“, „Мртвиот човек оди“ или „Блер вич проџект“.

Како што кажаа на пресот, нивната средба се случила на американскиот фестивал во Палм Спрингс, каде што по проекцијата на „Трето полувреме“, Дарко Митревски имал своја презентација со која ја пленил Санмин Парк. Митревски објаснуваше дека овој „Мис Стон“ нема да биде класичен римејк, дека познатиот филм е правен врз основа на вистинска приказна, а овој ќе биде правен по нејзините мотиви. Тој раскажуваше дека идејата за филмот дошла кога случајно во една антикварница во Лос Анџелес налетал на книгата „Пожар на планината“ на Лора Бет Шерман, инаку книга посветена на киднапирањето на мис Стон. Кога ја отворил во неа видел слики на Јане Сандански, што го одушевило и натерало да почне да бара повеќе податоци за овој настан. Но, но податоци во Америка, бидејќи тогаш земјата била во шок, особено што во тоа време тие не биле играчи на светската политичка сцена и се немале соочено со киднапирање жена. Додека

Американската мисионерка Ellen Maria Stone (1846-1927)

Американската мисионерка Ellen Maria Stone (1846-1927)

мис Стон била грабната осум месеци, цела Америка се тресела. Но, она што е интересно, е што по нејзиното враќање, таа станал адвокат и поборник за целите и идеалите на нејзините грабнувачи.

Митревски ја побарал на интернет книгата „Аферата Мис Стон“ од Тереза Карпентер, новинарка наградена Пулицер. Потоа барал бројни новинарски написи од 1901 и 1902 посветени на темата и како што вели, успеал да најде многу интересни детали, откривајќи го американското видување на грабнувањето. Она што го интересира за овој филм, е токму промената кај Мис Стон, односно прашањето, што е она што Македонија го сменила кај неа, погледнато од женска перспектива.

Санмин Парк рече дека тие веднаш сакале да ја започнат соработката со Митревски, и дека го поддржуваат креативниот процес и техничкиот дел и кастингот. Тоа ќе биде интернационална продукција и дека нивната цел е целосно да се посветат и филмот да биде промовиран и во Азија.

Роберт Насков, рече дека станува збор за интересно партнерство меѓу „Кино око“ од Македонија и „Максмедија“ од Америка, објаснувајќи дека се уште е рано за актери, но дека во филмот ќе ги има Теодор Рузвелт, Мис Стон, ќе има планинска и турска чета, ќе го има Милтон Манаки, Кемал Ататурк, Јане Сандански, што значи дека секако кастингот ќе биде мешан. Филмот ќе се снима во Македонија, дел веројатно и во Америка, а постпродукцијата сигурно ќе се работи во Америка. Инаку, во поглед на развојот на сценариото, како што појасни Митревски, ќе користат само американски извори од тоа време, бидејќи тие се релевантни и не се идеолошки обоени. „Сакам непристрасна слика за мојата земја, погледната низ очите на Мис Стон“, додаде тој. 

Извор