Darkwood Dub во МКЦ: повеќе од концерт

Загор Те-неј, „духот со секирата“ живее во шумата Дарквуд - инспирацијата за името на белградскиот бенд

Стрип-јунакот Загор живее во шумата Дарквуд – инспирацијата за името на белградскиот бенд

Лесно е да се изуми колку значаен балкански бенд е всушност Darkwood Dub. За сите што ја следат културата во регионот, ова име е запечатено како нешто што се подразбира, како одамна вграден темел во независната музика на овие простори. За среќа, таман кога ќе наближи опасноста да ги земеме „здраво за готово“, белградските шамани ќе се појават во Скопје, за да потсетат колку заслужуваат да ги цениме.

Уште сега може да се каже: концертот на Darkwood Dub, кој се одржа викендов во преполниот МКЦ, ќе биде меѓу најзначајните музички настани во Скопје годинава. По еден ден пауза, кој си го дадов за да „легнат“ впечатоците, ќе се обидам да пренесам парче од атмосферата од саботната моќна свирка на искусниот белградски бенд.

Darkwood Dub во Македонија има посветена база на фанови, што можеше да се види од интересот за нивниот концерт во МКЦ, прв во скопскиот културен храм по цели 16 години . Во публиката, која бараше карта повеќе, разбирливо, доминираа луѓе родени во 70-те и 80-те, но можеа да се видат и помлади почитувачи на музиката на енергичните белграѓани. По повеќе од половина час исчекување, на сцената се појавија четворицата скромни музичари, подготвени да нè одведат на своето препознатливо сонично патување. Лично спаѓам меѓу фановите на кои повеќе им одговара подоцнежниот, позрел период од творештвото на Darkwood Dub, во кој топлите бас-линии и елегантните хармонии имаат предност пред тврдите рифови и електронските експерименти од нивните почетоци. Затоа, посебно ме израдува скопската сет-листа, во која доминираа песни од последните четири албуми на бендот.

Darkwood-Dub-Sk

Низ звуците на „Стварност“, „Вртлог вира“, „У свим правцима“, македонските вљубеници во музиката на Darkwood Dub, во еден глас заедно со харизматичниот пејач Дејан Вучетиќ-Вуча, возбудено ги дишеа мечтите измечтаени по пространите белградски плочници и паркови, сознанијата осознаени во зачадените дорќолски подруми, ефектно и шармантно срочени во извонредни стихови.

Всушност, текстовите се посебно важен дел од доживувањето на Darkwood Dub – од куси, надреални синтагми кои навидум не одат никаде (но тоа не пречи, напротив), до згуснати, интелигентни, искрени лични описи и блескави проникнувања во суштините, стиховите во нивните песни се непроценлив дел од уметничкото богатство на овој бенд.

Со посветеност, страст и самодоверба карактеристични за големите музичари, членовите на Darkwood Dub ја пронесоа публиката низ својот еклектичен репертоар, во кој ненаметливо и некако природно се мешаат даб, фанк, реге, рок, електроника… Не знам за друг бенд, во чиј звук може да се насетат и Kraftwerk и Партибрејкерс и Massive Attack. Очекувано, реакциите на македонските фанови беа најсилни на „хитовите“ како „Дишем“, „Нешто сасвим извесно“ и „Електропионир“, но овдешната публика покажа и дека го цени комплетниот опус на бендот.

И два и пол часа откако почнаа, а свиреа без никакви паузи, забревтаните белграѓани уште ја владееја сцената на МКЦ, а двата биса и фуриозната завршница со „Запремина тела“ го покажаа воодушевувањето од нивната енергија, коe посетителите на концертот го искажаа со долготрајни, заслужени овации.

Кога ќе се сумираат впечатоците, се чини дека концертот на Darkwood Dub беше доживување многу позначајно од обичен музички настан. Тоа беше извонредно силен, закрепнувачки импулс вбризган во срцето на културно Скопје.

Жарко Настоски