„Дававме сè од себе“ – Младите од Малешевијата деноноќно помагаат во гаснење на пожарите

Апел за волонтери да се вклучат во гаснење на пожарот кај црквата св. Петка над Пехчево бил поттик за 28-годишниот Борис Качулачки и неговото друштво да се качат во своите возила и да помагаат во малешевско-пијанечкиот крај, каде веќе со денови се активни неколку пожари. Целосната организација ја правеле преку Фејсбук група, која со тек на време брои сè повеќе членови.

Кога со своите возила стигнале под планината Средна, посведочиле хаос. Пожарот веќе се симнувал кон регионалниот пат. Околу овој планински масив се наоѓаат повеќе села како Истевник, Чифлик, Будинарци, Митрашинци, Разловци и Црник. Тоа претставува огромен шумски предел без реки кои проаѓаат низ него, што е дополнителен предизвик.

„Кога отидовме таму, веќе еден дел од пожарот над црквата беше наводно изгаснат. Велам наводно бидејќи еден ветер е доволен повторно да го разгори пожарот. Друг дел се ширеше кон патот, тоа е месноста Крива Круша, меѓу Пехчево и Делчево“, ни објаснува Качулачки.

Со него разговаравме додека земаше здив, откако пет дена со останатите членови на здружението деноноќно им помагале на службите. Тој е дел од Здружението за планински спортови, туризам и млади „Pathfinders“, кое со уште неколкумина го формирале пред година и пол. Од јануари, во неколку наврати организирале еколошки акции низ Малешевијата, обидувајќи се да ја кренат свеста за животната средина во овој регион.

На терен, се потсетува волонтерот, во првите денови немале помош од Армијата, ниту од странски волонтери, туку претежно биле локалци, членови на Шумската полиција и пожарникари од Берово со една цистерна со вода. Планот бил да не дозволат пожарот да го премине патот, кој минува низ предел со борова шума и шишарки кои лесно го пренесувале огнот. Силниот ветар дополнително ја отежнувал ситуацијата.

Првиот ден на терен Качулачки го опишува како хаотичен. Локалците со лопати и трактори со плугови не дозволувале да се шири пожарот. Борбата со огнените јазици траела од рано наутро, па накај 13-14 часот кога жариштата станувале најсилни, сè до вечерно време кога се намалувале температурите и ветровите стишувале. Ова се моментите кои според Качулачки требало да се интервенира повеќе, бидејќи во овие делови од денот полесно се гаснел пожарот.

„Веднаш трчаш да помогнеш. Дали вода ќе носиш, дали ќе маваш лопата за да не се шири пожарот, тоа е работата на доброволците. Помагавме и на професионалните екипи, за влечење на црева. Имаше случаи како вчера вечер каде до доцна навечер бевме само ние и Словенцитево шумата. Тие одеа напред со цревото да гаснат, ние одзади гледавме да нема жаришта и помагавме во влечење на цревото затоа што тоа е долго еден километар“, раскажува Качулачки.

До вчера, пожарот најмногу бил активен кај Будинарци, иако е под контрола, вели младиот доброволец. За него и повеќето од неговите пријатели ова било првпат да помагаат во гаснење на пожар.

„Немаше кој да те упати“

Качулачки е разочаран од организацијата на домашните служби кога со друштвото пристигнале да помогнат првиот ден.

„Сите даваа сè од себе, тоа нема збор. Но, немаше лидерски фигури кои можеш да ги прашаш. На пример: „Ми требаат пет луѓе, дојдете со мене да одиме таму“. Првите два три дена сами се снаоѓавме. Не знаевме каде да одиме да помагаме. Немаше кој да нè координира. Имаше пунктови пред да се тргне длабоко во терен во шумата, или каде што е огнот. Ти стигнуваш, го оставаш возилото и нема кој да те упати. Не се знае колку километри истрчавме натаму-наваму и некогаш навистина бескорисно се чувствувавме затоа што не одевме на вистинските места“, реагира Качулачки.

Од друга страна, пак, нивните колеги доброволци од Словенија и Австрија веќе имале план уште пред да пристигнат. Опремени со водичи, повеќе цистерни со вода и дронови за да го лоцираат огнот, тие веќе биле спремни за на терен, иако повеќето од нив биле волонтери кои исто така првпат се соочувале со ваква ситуација, посочи Качулачки.

Гледајќи ја состојбата на терен, заедно со своето друштво решиле да ги преземат работите во свои раце. Групата на Фејсбук преку која досега се договарале за еколошките акции, сега служела за споделување мапи од местата каде има активни пожари и каде е потребна помош.

Една од мапите што ги споделувале на социјалните мрежи

„Кога видоа дека сме активни цело време, почнаа да нè прашуваат и секој што сакаше да помогне го вклучувавме, кажувавме каде треба да се оди. Можам да кажам дека ова беше чиста самоорганизација од наша страна“, вели Качулачки.

„Институциите да се грижат за зеленилото бидејќи лошо ни се пишува“

Средна планина за волонтерите и професионалците кои се вклучија во гаснење на пожарот била голем предизвик со ветрот кој дувал и до 20 километри на час.

„Имавме ситуации каде ветрот директно накај нас почнуваше да дува. Прво почнуваш адреналин да чувствуваш и трчаш. После некое време почнува мозокот да ти работи и се прашуваш што следно, па се враќаш пак кај изгореното, бидејќи таму пожарот не се враќа“, се потсетува Качулачки.

Овој пожар, смета тој, може да остави трајни последици врз природата.

„После ова се надевам дека ќе ни дојде памет и ќе се организираат некој вид на доброволни пожарникарски екипи кои ако се случи пожар веднаш ќе излезат на терен. Институциите не се во можност да се справат, без австриските и словенечките немаше да може да се справиме. Тоа е факт“, посочува Качулачки.

Дел од решенијата кои како здружение ги посочуваат е воспоставување стражи, особено во сушните периоди за службите да не бидат изненадени во иднина.

„Ваква суша досега немам видено во мои 28  години. Не сум доживеал толку време да нема ни капка дожд. Институциите и службите треба повеќе да се фокусираат и да се насочат да не е само нивна работа да се гасат огнови туку да се грижат и за зеленилото околу нас, бидејќи лошо ни се пишува“, апелира младиот волонтер, кој истакна дека сега останува само жалната слика.

„Мене најмногу ми е за природата. Селата секако ќе се спасат. Ние дававме сè од себе да се спаси шумата“, додава тој.

Затоа уште сега со „Pathfinders“ размислуваат на акции за пошумување откако теренот ќе се исчисти. Дел од шумата била засадена пред 30 години, а сега ќе треба да се чекаат нови 30 години за да се обнови.

Е.П.