Дали во Македонија има независни уметници? Како работат и кои се грешките во опстојувањето на независната културна сцена? Видео-порталот Нова ТВ пренесува дел од дебатата на неколкумина уметници и организатори на културни настани.
Дебатата е осмислена како перформативен настан конципиран од Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова, а инициран од просторната инсталација „За независните – Според вистински приказни“, авторски проект на Христина Иваноска и Јане Чаловски. Учесници во настанот се Ивана Драгшиќ, Кристина Леловац, Никола Писарев, Мирко Попов, Игор Тошевски.
Идејата на овој настан е да иницира јавна дискусија која ќе започне со кратки петминутни интервјуа на прецизно поставени прашања од страна на кураторите, со цел да се преиспита позицијата на креаторите на независната сцена и механизмите на нивното функционирање.
Дискусијата ги покренува прашањата за зависноста и независноста како и автономијата на организациите во овој конкретен општествен, политички и социјален момент, во поширокиот контекст на неолибералниот капитлизам или пак во потесниот первертиран транзитен период во кој се уште се наоѓаат земјите на Балканот и да ги прикаже личните ставови и дилеми на авторите.
Извор: новатв.мк