„Нема дебати зашто нема за што да дебатирамеˮ е темата на новата, деветта по ред радио – дебата на Здружението Диверзити Медиа од новиот проект „Дебатирањето менуваˮ. Таа ќе се одржи во живо утре (вторник, 12 ноември) на Радио МОФ, во терминот од 13 до 14 часот.
На темата ќе дебатираат новинарот Зоран Иванов, новинарот и основач на порталот за вести МКД.мк, Александар Дамовски, новинарката и уредник на емисијата Вин – Вин, Оливера Трајковска и универзитетскиот професор Мимоза Ристова.
Радио-дебатата е дел од циклусот 12 радио – дебати на различни теми кои што ќе се емитуваат секој вторник на Радио МОФ, во периодот од септември до декември годинава.
Радио МОФ и ИДЕА Југоисточна Европа се партнери – поддржувачи на Диверзити Медиа во овој проект, финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (National Endowment for Democracy (NED)).
„Недостигаат конструктивни дебати помеѓу политичари, академици, интелектуалци, студенти, млади професионалци…Тоа можеби е така бидејќи земјава во последните неколку години се соочува со ситуација на подвоено општество и поради присуството на страв дека е многу негативно да се биде критичен. Затоа, решивме малку да ги „поттурнемеˮ работите. Да им дадеме можност на дебатите. Согласно нашата цел и стратешка задача како организација која ја промовира различноста и се залага за развој на медиумите во Македонија, посебно на радиото како медиум, одлучивме битката на јасната, критичка, „ЗАˮ и „ПРОТИВˮ мисла да ја водиме токму на радио“, појаснуваат од Диверзити медиа.