„Навредата и клеветата – јамка за слободата на изразување?“ е тема на дебата што ќе се одржи во петок (7 ноември) во Клубот на новинари, со почеток од 11 часот. Организатор на дебата е Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во рамките на проектот на УСАИД за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера.
Во дискусијата ќе учествува директорката за право на Media Legal Defence Initiative (МЛДИ) од Лондон, Нани Јансен. Таа е правник и адвокат која активно работи на заштита и застапувањето на новинарите во светот, пред домашните и меѓународните судови, а доаѓа од меѓународната иницијатива која им дава поддршка на новинарите во заштитата на нивните права.
Во дебатата ќе учествуваат и адвокатот Филип Медарски, уредничката на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова, уредникот на Слободен печат и Плусинфо, Бранко Героски, уредникот на порталот „Либертас“, Ацо Кабранов, новинарот Синиша Станковиќ и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.
Воедно, ќе биде презентиран третитот извештај од мониторингот на судските случаи за навреда и клевета, кој го спроведува Центарот за развој на медиуми и кој го опфаќа периодот од јули до октомври 2014 година.