[Дебата] Новинарите се казнуваат со драконски парични казни за клевета

По носењето на новиот закон за клевета и навреда со кој тие се префрлија од кривичниот во граѓанскиот законик, се носат високи драконски парични казни, особено во случаите кога високите функционери на власта тужат новинари.

[Дебата] Новинарите се казнуваат со драконски парични казни за клевета

Ова се дел од заклучоците на дебатата за резултатите од декриминализацијата на клеветата, на која беше презентиран извештајот на Центарот за развој на медиуми од мониторингот на примената на законот за клевета и навреда при што се утврдени низа недостатоци.

„Од досудените надоместоци за штета во овој момент се утврдува дека казните се многу високи особено во случаите кога се јавуваат функционери од власта. Судот не го почитува принципот на праксата од Стразбур, според кој, носителите на јавна функција треба да имаат поголем праг на толеранција во однос на навреда и клевета“, рече Владимир Медарски од ЦРМ.

При мониторингот во периодот од 13 месеци во Основниот суд Скопје 2 Скопје, биле следени 45 судски предмети  на новинари, уредници и медиуми, во околу 150 рочишта.

Во само 7 постапки како тужители се јавуваат новинари, уредници или медиуми, а во сите други случаи новинарите, уредниците и медиумите се тужени. До затворањето на извештајот завршени се 15 случаи, но пресудите сѐ уште не се правосилни односно во тек е жалбената постапка. Дури 26 судски постапки се обновени односно за нив претходно се водела кривична постапка.

Главниот и одговорен уредник на Фокус, Јадранка Костова истакна дека најголем проблем во Македонија и кај македонското судство е кога тужбата доаѓа од високи функционери на власта.

„Во таков случај немате шанси да добиете позитивен исход во ваша полза. Тоа се гледа и според неколку случаи каде се тужени високи фунционери на власта и за чудо, судот не може да ги најде по неколку години. Несреќата на Фокус е што како тужители се јавуваат токму такви високи функционери на власта. Со законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, видовме уште еден негативен момент, а тоа е висината на износот на судскатата такса за жалбата на пресудата во случајот кога тужител ни е Сашо Мијалков, е цели 96 илјади денари. Јас, искрено не верувам дека некој во нашево судство ќе има храброст нешто да корегира во наша полза, без оглед кои се нашите аргументи и нашата одбрана. Значи, ваква висока судска такса е уште една казна за секој што ќе се дрзне да се жали на ваквата пресуда“, вели Костова.

Адвокатот Филип Медарски смета дека пред да започне постапката, судот треба да побара извинување од тужената страна и дека во овие постапки не би требало да има психијатриски вештачења.

„Со психијатриските вештачења кои се даваат во овие постапки вообичаено психијатарот утврдува на кој начин евентуалната клевета или навреда се рефлектирала во свеста на лицето кое било навредено или клеветено и мислам дека тоа не е релевантно за утврдување на висината на паричната казна“, рече Медарски.

Според Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани пак, законот е добар и подобро е што е донесен.

„Сакаме да ги охрабриме судовите да ги одбијат најголемиот дел од тужбите за клевета и навреда, бидејќи судот кога навистина би го почитувал законот за граѓанска одговорност и праксата од Стразбур, уште од почеток треба да ги одбие“, рече тој.

На судските случаи за клевета и навреда работат тројца судии: Јованка Спировска Панева, Весна Калковска и Нухи Рустеми.

Бидејќи до моментот на пишување на извештајот нема ниту една правосилна пресуда, од ЦРМ велат дека не може да се направи целосна анализа на предностите, слабостите и на имплементацијата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

„Од досегашните предмети решени во првостепената постапка, не може да се донесе конечен заклучок дали судиите доволно и суштински ги применуваат меѓународните документи, принципи и стандарди при донесување на одлуките и како го применуваат материјалниот закон, бидејќи сé уште нема ниту една правосилна пресуда“, се нагласува во извештајот.

Анализата на Центарот за развој на медиуми е во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, и е направена во периодот од 1 февруари 2013 до 28 февруари годинава.

Со донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во ноември 2012 година, клеветата и навредата се декриминализирани односно се префрлени од кривична во граѓанска постапка.

Медиумската и експертската јавност ја поздравија декриминализацијата на навредата и клеветата, но притоа, истакнаа дека ова законско решение има бројни слабости кои можат негативно да влијаат врз слободата на изразување, како и да поттикнат самоцензура. Откако Законот беше донесен, ЦРН заедно со Фронтот за слобода на изразување, во април 2013, достави Иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за утврдување на уставноста на определени законски одредби. Единаесет месеци подоцна, Уставниот суд, сe уште  ја нема разгледано Иницијативата.