Дали се почитуваат човековите права во Македонија, за што се дискутира во земјава, а за што во Европа, каква е праксата на Судот во Стразбур кога се прекршуваат основните права на граѓаните?
Ова се само дел од прашањата кои ќе бидат отворени на „Дебата за човекови права: Македонија vs Европа“, која утре (вторник, 25 март) во живо ја организира и емитува Радио МОФ со почеток во 13 часот.
На темата ќе дебатираат Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет за човекови права, Костадин Богданов, владин агент пред Европскиот суд за човекови права и Александар Нешковски кој има поднесено апликација пред Судот во Стразбур. Новинари во дебатата се Јасмина Јакимова и Кристина Озимец од Радио МОФ.
Покрај аудио, Радио МОФ во периодот од 13 до 14 часот ќе врши и видео пренос од овој настан.
Дебатата се реализира во соработка со Македонски центар за европско образование (МЦЕО), а во рамки на проектот „Основни права – Сместување во европската рамка“. Целта на проектот е подигање на свеста за европскиот систем за заштита на човековите права и импактот кој го има врз соодветниот национален систем за заштита на човековите права.