„Диџеј Ахмет“ се вика дебитантскиот филм на режисерот Георги Унковски, кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, во конкуренција за награди на програмата Светски филм.
Сместен во оддалеченото јуручко село Коџалија во Македонија, „Диџеј Ахмет“ ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, кој открива прибежиште во електронската музика како излез од неговата традиционална средина.
Филмот е драма со примеси на комедија, приказна за љубовта, пријателството и самооткривањето на еден тинејџер, поставена на динамична заднина во која се судираат традиционалните вредности и модерното време. Снимањето на филмот траело 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и на македонски јазик.
Главните улоги во филмот ги играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, кои првпат се појавуваат на филмското платно, и Аксел Мехмет, кого многумина веќе го знаат од „Исцелител“.
Во другите улоги се: Селпин Керим, Атила Клинче, Елхаме Билал, Адем Карага, Хакан Даци, Метин Ибрахим, Јеткин Сезаир и други. Кастинг-директор е Киријана А. Николоска.
Во својата рецензија, „Холивуд репортер“ пишува: „Работејќи со претежно аматерска актерска екипа, Унковски успеал сите да создадат солидни натуралистички изведби, особено симпатичниот новајлија Јакуп“, како и „Режисерот и кинематограферот Наум Доксевски го капат филмот во златно светло кое е далеку од мрачниот изглед на многу уметнички филмови сместени во поранешните балкански земји“.
„Варајети“, пак, во својата рецензија вели: „Филм од тој вид што те тера да им го препорачаш на сите, за и тие да можат да уживаат во неговите прекрасни задоволства, ‘Диџеј Ахмет’ е откровение кое беспрекорно ја преминува линијата помеѓу филм што предизвикува смеа до солзи и уметничко дело со трогателна тежина. Иако навлегува во очекуваната тематика на созревање (преку расцутувачка романса, желбата за утврдување на сопствениот идентитет и конфликтот меѓу родителите и децата), културниот контекст, инвентивниот раскажувачки стил на Унковски и сосема извонредната актерска екипа за првпат создаваат уникатно дело кое стои само за себе“.
Во разговор со „Варајети“, Унковски зборува дека токму изборот на актерката екипа е еден од најголемите успеси на филмот, особено со Јакуп и новиот талент Агуш Агушев, кој го игра помалиот брат на Ахмет, дете што одбива да зборува, на голема лутина на нивниот татко. „Навистина сум пресреќен со изборот на актерите. Имавме неверојатна кастинг директорка, Киријана Николоска, и таа и јас спроведовме детален кастинг процес. Поминавме 3.000 деца од оваа етничка заедница во Македонија и го сведовме изборот на 60 кандидати“, вели Унковски меѓу друго во интервјуто.
Инаку, престижниот филмски фестивал „Санденс“ е најголемиот фестивал на независен филм во САД. Оваа година се одржува од 23 јануари до 2 февруари во Парк Сити, Јута.