Денес, на Светскиот ден на детето, под покровителствo на претседателот Стево Пендаровски, УНИЦЕФ организира средба на која носителите на одлуки им се придружија на децата и младите за да го слушнат нивниот Повик за акција и да разговараат за следните чекори што треба да се преземат за да се преосмисли подобра иднина за секое дете.
Секоја година на 20 ноември – по повод усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации – се одбележува Светскиот ден на детето, ден исполнет со активности реализирани од децата и за децата.
Оваа година тројца млади говорници го заземаа централното месо на настанот Преосмисли иднина за секое дете и за секој млад човек и го претставија својот Повик за акција што се фокусира на три теми кои децата и младите од земјата ги издвоија како најважни за нив: квалитетно образование, животна средина и квалитетен живот.
,,Еден од главните проблеми кои ние младите ги препознаваме во образованието е недостатокот од пракса и премногу теоретско учење. Без можност за практична примена, нашето знаење е само краткотрајна информација. Ни требаат вештини кои се релевантни не само за пазарот на труд денес, туку и за пазарот на труд кој постојано се развива. Формалното образование става акцент исклучително на нашиот академски успех, при што не ни дава доволно можности за практично искуство, иновации и управување со кариерата. Конкретно, за да застанам тука мене не ме подготви формалното образование, ме подготвија активности вон училиште”, рече Станиша Станковиќ, студент од Кавадарци.
Говорејќи за заштита на животната средина, климатските промени и поодржливо урбано планирање, Ива Трпески, четиринаесет годишна ученичка од основно училиште од Кичево рече: “Премногу од нашите зелени површини и простори за рекреација се уништени и заменети со градилишта. Овој проблем го посочуваат не само моите сограѓани, туку младите од целата држава. Урбаниот хаос, бучавата како и преголемиот сообраќај секојдневно влијаат врз нас. Ни требаат позелени заедници за поздрав и посреќен живот, за подобро физичко и ментално здравје и подобар квалитет на живот.“
Четиринаесет годишната ученичка од основно училиште од Скопје, Ерза Рустеми, го потегна прашањето за квалитетен живот без насилство и побара општество кое ќе ги почитува, вреднува и ќе се однесува фер кон сите деца. Таа побара носителите на одлуки да обезбедат секое дете и секој млад човек да учествува во сите активности, да има пристап до сите услуги и да биде вклучен во целост во сите облици на живеење во заедницата.
Во текот на средбата, носителите на одлуки, меѓу кои имаше пратеници од Собранието, градоначалници, претставници на меѓународните организации и експерти, имаа можност да слушнат повеќе од децата и младите и да се вклучат во подиректен разговор во мали групни дискусии кои беа водени од самите деца и млади. Тие исто така разговараа за конкретни акции како одговор на предизвиците во секоја од трите теми.
“Дозволете да ги повикам сите клучни институции да работат на проблематиките за деца и за млади, и заеднички да работиме на посреќна иднина. Гласот на младите мора да биде чуен и вграден во донесувањето на одлуки. Преосмислувањето на иднината мора да започне од сегашноста бидејќи без осмислување на сегашноста не можеме да ја преосмислиме ниту иднината“, рече претседателот Стево Пендаровски.
“Темите што младите ги отворија денес – квалитетно образование, одржлива животна средина и квалитет на животот – претставуваат темел за одржлив развој“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. “За да одговориме на повикот на младите ќе биде потребен енергетски влог и посветеност на целото општество.”
Настанот беше дел од целогодишната иницијатива на младински консултации “Преосмисли ја иднината“ во која младите од целата земја ги споделија своите гледишта и идеи за решавање на најголемите предизвици што ги засегаат нивните животи и нивната иднина.