Нов мурал со љубопитно девојче e насликан на ѕидот на основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид. Муралот е креација на уметникот Трајче Павлов и испраќа порака за инклузивност, прифаќање на различностите и емпатија за оние кои живеат со најразлични предизвици.
„Едно девојче загазува во вода со желба да истражи и открие дали е ладна, длабока, убава и слично. Така гледам и на инклузијата и на емпатијата со различните од нас, со луѓето кои секојдневно живеат со предизвици поради нивните посебни потреби. Не секој има сила и желба да влезе во водата. Секако дека ако влезеш ќе се наводениш, но ќе ги видиш нештата и од другата страна. Секој различно гледа на различностите“, споделува Павлов, кој на муралот со површина од 21 квадратен метар работеше цела седмица.
Тој вели дека го водел духот на детската игра и отвореност бидејќи кога црта, како што вели и самиот е дете.
„Децата најлесно ги прифаќаат поинаквите од нив. И додека цртав, тие доаѓаа до мене фасцинирани од големината на цртежот, од боите, од различните елементи. Се обидов да го доловам акварелниот ракопис, неговата пастелност и лазурност и тука повторно сакав да се доближам до детската фантазија“, истакнува Павлов.
Муралот е во поддршка на Халкбанк АД Скопје и дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е поддржан од Европската Унија и со кој раководи Фондацијата „Чекор по чекор“.