Децата од прво до деветто одделение од социјално ранливите категории во основните училишта во Општина Центар ќе можат да одат на прегледи и да користат услуги како поправки на заби или изработка на протези во рамки на Стоматолошкиот факултет во Скопје.
Периодот на користење на овие услуги е од февруари до јуни и од октомври од јануари, со вкупен износ од 50.000 денари, информира Општина Центар.
Проширувањето на соработката за негата на оралното здравје беше повод за средбата на градоначалникот Горан Герасимовски и првата дама Елизабета Ѓоргиевска која е раководител на катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет на УКИМ, деканот Ќиро Ивановски и продеканката за настава Сања Панчевска.
Дополнително, од Општина Центар посочуваат дека на средбата била продолжена и соработката со Стоматолошкиот факултет кај децата од 3 до 6 години од предучилишните установи, како и кај учениците од прво и второ одделение од сите основни училишта во општината.
Соработката се однесува на предавања и практични вежби во градинките и училиштата од стручни лица од Стоматолошкиот факултет, за начинот на четкање на забите, правилното одржување на оралната хигиена и влијанието на здравата исхрана врз целокупното орално здравје.