Учебната 2024/2025 година започна во понеделникот за сите ученици, освен за оние со атипичен развој, кои генерално останаа дома бидејќи немаат образовни асистенти. Ваквата ситуација се’ уште трае, а причина е доцнењето на огласите за ангажирање образовни асистенти.
Министерката за образование Весна Јаневска денеска пред новинарите рече дека во тек е потпишување на договорите за ангажирање на 815 образовни асистенти, од вкупно 1.000 планирани, додека во понеделникот тврдеше дека „тие уште уште денес (2 септември) ги потпишуваат договорите и веднаш можат да почнат со работа“.
„Ниту едно дете – ученик не смее да остане дома. Сите ученици со попреченост мора да бидат примени во училиштата. Имаме наставници, инклузивни тимови и стручни служби и истите треба да бидат подготвени да ги примат децата“, рече министерката, притоа вперувајќи го прстот и кон ресурсните центри:
„Министерството за образование и наука ја заврши својата задача, а конкурсите за ангажирање на асистентите е обврска на училиштата со ресурсни центри (ОУРЦ) и нивна задача е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот. Зошто поставуваме директори на училишта, ако не си ги знаат своите основни обврски“, додаде Јаневска.
Радио МОФ веќе пишуваше дека родители се жалат што целиот процесот ги става во незавидна состојба и ги дискриминира нивните деца, а според информациите што доаѓаат од школите и асистентите – огласите се пуштени подоцна во споредба од лани.
„Преку ‘Нова Македонија’ дури на 19 август е пуштен оглас, додека лани тоа се случуваше во јули, а на 8 август веќе беа завршени сите интервјуа и асистентите почнаа на време, со сите потребни документи. Дури и лани кога доцнеа проценките на МКФ, децата беа пуштени во училиште и потоа надокнадно се даваа проценките, само асистентите да не се изгубат. Оваа година МКФ проценките се делимично на време, а асистентите ги нема. Имаа три месеци во тековното цело лето да го решат проблемот. И, проблемот не е решен“, рече за Радио МОФ Елена Јакимовска-Павлеска, мајка на дете со аутизам.
Ако се погледне Правилникот за побарување асистенти, прво треба да помине проценката на службите што работат по Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Тие треба да одлучат дали на детето му треба асистент, Индивидуален образовен план (ИОП), или модифицирана програма, согласно неговите можности и развојот. Потоа, основните школи мислењата на МКФ-службите ги доставуваат до Основните училишта со ресурсен центар (ресурсни центри), според утврдена реонизација. Таквите барања за образовен асистент треба да се достават до крајот на месец март, ако се работи за деца од второ до деветто одделение, а за првооделенците – до јуни. На крајот, Ресурсните центри ја тераат постапката преку јавен повик, спроведуваат обука и ги вработуваат асистентите на определено време, па тие треба да бидат подговени за првиот школски час.
Овие рокови (март-јуни-август) и досега се влечкаа и оддолжуваа, но, освен првата година кога почна новиот систем „Образовна асистенција“ (2021), голем број родители добиваа образовни асистенти пред 1 септември, во комуникација со школите и ресурсните центри. Во ангажирањето удел има и МОН, бидејќи парите за асистентите преку државен буџет прво треба да стигнат до ресурсните центри, за тие да можат да објават огласи.
Моментално, ресорното министерство не дава конкретна информација колку вложуваат за образовни асистенти.
„Толку колку што треба“, ни одговори во понеделникот министерката Јаневска.
Бојан Шашевски