Децата во социјален ризик од Кисела Вода ќе добиваат субвенциониран оброк во училиштата

Социјално загрозените деца од Општина Кисела Вода ќе добиваат субвенциониран оброк во училиштата, но и субвенции за целодневниот престој во јавните детски градинки, соопштија денеска локалните власти.

„Пред почетокот на новата учебна година, повторно излегуваме со сет мерки за субвенционирање на социјално загрозните деца од училиштата и градинките од овој дел на градот. Во насока на заложбите за создавање еднакви можности за сите деца и оваа година обезбедивме субвенционирање на месечните сметки за дневниот оброк во продолжениот престој во општинските основни училишта, како и средства за субвенции за целодневниот престој на децата од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки“, напиша градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Оваа мерка, како што истакна тој е посветена на децата од еднородителски семејства, самохрани родители, деца сместени во згрижувачки семејства и деца под старателство, како и за сите други социјално-ранливи категории.

„Нашата цел е да креираме образовни установи каде што децата ќе се надградуваат и натпреваруваат во знаење, без да се грижат за меѓусебните финансиски разлики. Затоа, покрај субвенционирањето на оброците и престојот во градинките, обезбедуваме и бесплатни ранчиња за сите првачиња, како и бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта“, рече Ѓорѓиевски.