Студија на Кембриџ открива дека хуманоиден робот висок 60 центиметри именуван како „Нао“ им помага да децата да се отворат за своите емоции.
Роботот „Нао“ изгледа повеќе како реквизит од нискобуџетен научно-фантастичен филм отколку како дел од медицинско истражување. Сепак студијата покажува дека децата се чувствувале попријатно да му се доверат на роботот со големина на дете и чуден изглед отколку на нивните родители, а во одредени случаи тие споделиле информации што никогаш претходно не ги кажале некому, пишува „Гардијан“.
Тимот научници од Универзитетот Кембриџ вели дека откритијата укажуваат на поширока улога на роботите во проценката на менталното здравје, иако потенцираат дека роботите нема да станат замена за професионална помош за негување на менталното здравје.
„Има времиња кога традиционалните методи не се во можност да ги забележат пропустите во менталната благосостојба на децата, бидејќи промените некогаш се неверојатно суптилни. Ние сакавме да провериме дали роботите би можеле да помогнат во таквите случаеви“, изјавила Нида Итрат Абаси, главниот автор на студијата.
Децата кои според одговорите на традиционалниот прашалник укажале дека можеби имаат нарушена ментална благосостојба дале уште понегативни коментари кога разговарале со роботот, а некои споделиле информации што не ги изнеле во онлајн прашалниците.
Научниците велат дека децата хуманоидот можеби го гледаат како „доверлив човек“ што им овозможува да ги откријат вистинските чувства и искуства. Некои од родителите што ја гледале сесијата преку прозорец изјавиле дека не биле свесни за тоа дека нивното дете има нарушено ментално здравје се додека не слушнале како му се доверува на роботот.
Професорката Хатиџе Гунес која ја води Лабораторијата за афективна интелигенција и роботика на Кембриџ смета дека децата на своите родители или на психолозите им го кажуваат она што се очекува од нив, а не она што навистина го мислат и дека децата полесно се поврзуваат со робот што е со нивна големина бидејќи го гледаат како врсник.