Рок групата „Deep Purple“ ќе настапи на Стадионот на АРМ во Скопје на 28 мај, соопшти Авалон Продукција.
Македонската и регионалната публика ќе може во живо да ги слушнат класиците: „Smoke on the water“, „Hush“, „Strange kind of woman“, „Woman from Tokyo“, „Knocking at your back door“, „Highway star“ и уште многу други хитови што го одбележаа пет децениското постоење на бендот во музичката историја.
Групата важи за еден од најголемите рокенрол состави на сите времиња, а во неа членуваат Иан Гилан, Иан Пејс, Роџер Гловер, Стив Морс и Дон Ејри.
Во последната деценија, групата објави четири студиски албуми, а во меѓувреме одржува и турнеи низ сите континенти.
„Навистина е раритетна можноста во една сезона да можеме да ги видиме и ‘Deep Purple’ и ‘Whitesnake’ во Скопје, со што се надеваме дека ја исполнивме желбата (заедно со концертот на ‘Placebo’) во Македонија да има повеќе рок концерти отколку во изминатиот период“, стои во најавата на Авалон Продукција.
Претходно, во 2016 година вокалот на групата, Иан Гилан, придружуван од Македонската филхармонија настапи во Скопје во ВИП арената на Спортскиот центар Борис Трајковски.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба во среда, низ продажните места во мрежата на Авалон низ Македонија и онлајн на avalon.mk, по 1500 денари за партер и 2000 денари за фан пит.