Калифорниската нојз панк група „Deerhoof“ е првиот бенд најавен за 12-тото издание на Фестивалот „Здраво млади“ закажано за 3 септември во паркот МКЦ.
„Со над 18 космички албуми кои се истовремено и експериментални и поп, Deerhoof отсекогаш трагале по смели приказни и радикални звуци, создавајќи во процесот свој револуционерен јазик за разбирање со публиката. Нивниот албум од 2020 насловен како Future Teenage Cave Artists, критичарите го оценија како омниприсутен, илустрација на лична бајковита визија од постапокалиптични мелодии кои одзвонуваат во глава, украсен со крајно невообичаени дигитални методи на снимање. Неговото продолжение Love-Lore пак, претставува мозаично љубовно писмо со обработки од песни во живо на артисти како Parliament, Sun Ra, Stockhausen, канализирани во анти-тоталитарни пораки кои го инспирирале бендот“, стои во најавата од МКЦ.
„Нивниот последен албум, Actually, You Can е жанровски најразновиден и во основа пружа најколоритна вибрантност. За овој албум бендот вели: “Замислете ја сета убавина, позитивност и љубов на светот која секојдневно се прогласува за грда, негативна и омразена од само прокламираните чувари на “здравиот разум”. Тешко дека ние ќе сме виновни за уништување на општеството со разоружување на нивните колонијални економии и затвори и родови улоги и естетика. Напротив, така ќе сме дел од неговото создавање! Deerhoof во минатото беа и на заедничка турнеја со познатите Radiohead“, додаваат од МКЦ.
Од денес во продажба се билетите за 12-то издание на фестивалот на нова музика „Здраво Млади“, а организаторите најавуваат дека овогодишното издание повторно, како и секоја година, ќе изобилува со познати имиња од европската и светска музичка сцена, со огромна поддршка од локални артисти чија матична сцена се гради токму во МКЦ.
Дизајнот кој оваа година го краси „Здраво Млади 12“ е дело на младиот македонски уметник Гоце Илиевски.
Повеќе информации може да најдете на следниов ЛИНК.