Испад на далекуводот од трансформаторската станица Скопје 4 кај населбата Пинтија кон трансформаторската станица Бунарџик, како и пожар во близина на трансформаторската станица, била причината за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголемиот дел од Скопје, но и делови од Велес и Овче Поле, соопшти МЕПСО.
Од операторот МЕПСО велат дека овие два фактори го условиле испаѓањето од погон на двата 400/100 kV трансформатори, а со тоа и испадот на целата трафостаница Скопје 4 во Пинтија.
„Диспечерите на АД МЕПСО во најбрз може рок воспоставија напон во најголем дел од населените места и таму е нормализирано снабдувањeто со електрична енергија. Дефектите се изолирани и се работи на нивно отстранување“, соопштија од МЕПСО.
Истовремено тие соопштија дека во текот на вечерта се можни краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија, со цел создавање услови за стручните екипи да ги отстранат преостанатите дефекти.
Прекинот на електричната енергија во Скопје се случи нешто по 17 часот и траеше до околу 18 часот.
Во изјава за Радио МОФ од ЕВН претходно соопштија дека компанијата нема дотур на струја од сите поголеми трафостаници кои го снабдуваат поголемиот дел од Скопје.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски претходно на Фејсбук соопшти за пожарот спроти големата трафостаница во Пинтија, односно непосредно под големиот далновод.