Дејан Ивановски, архитект : Узурпираниот јавен простор од „Скопје 2014“ го правиме функционален

Нашиот проект на Венецијанското архитектонско биенале е за потегот на „Скопје 2014“ – од Камен мост до МНР. Предлогот е да профункционира узурпаниот простор. Да не ги мачиме таму луѓето. Зградите се веќе изградени. Некој успеал. Тоа е тоа. Е, сега, прашање е како да спасиме дел од просторот? Како држава, мислам не може да ги срушиме. Немаме ниту пари, капацитет, механизација, место за складирање, луѓе… Не гледам начин, едноставно, објектите се направени да не се срушат. Но, чекор по чекор, може развој на решенија. Зградите малце да ги артикулираме во просторот. Да се ослободат, зачистат, демонтираат, поврзат со околината, вели архитектот Дејан Ивановски во разговор за Радио МОФ. 

Ивановски своите замисли, како автор од архитектонската фела од државава, ги претставува на 16-то Биенале на тема „Слободен простор“, заедно со Филип Јовановски. Се работи за т.н. архитектонски експеримент, што, всушност, е меѓу првите професионални, конкретни предлози за централното подрачје. За контроверзниот „Скопје 2014“ воопшто.

Според Ивановски, тоа е процес во четири делови, по сите досегашни градежни налети и агресии. Односно, за потегот долж Вардар што го нарекуваат „место на нехуманите габаритни структури“ на Археолошки музеј, АЕК, Колонада „Независна Македонија, ОЈО и МНР.

„Темата ‘СК2014’ не може да се одговори преку една метологодија. Не е еднолиниски проект. Има нови згради, само фасади, измена на програма итн. Идејата е да не нудиме ‘поубаво решение’ за ‘СК2014’, па да бираме ‘кој е поубав’, да го лицитираме… Не. Предложуваме, како понатаму од даденото, изграденото, како да го прочистиме. Ги викаме паметни постапки. Да не се сведе на ситуација ‘ми се допаѓа или не’. Просторот да добие логика. Смисла“, вели Иваноски од студиото „Архитектри“, член и на Асоцијацијата на архитекти од Македонија.

Ни’ раскажува за досегашните активности. Тим архитекти влегле во дел од зградите. Во некои воопшто не успеале, за да добијат увид во проектите, изведбата, да документираат. Не добиле дозвола од ресорното министерство. Особено за Обвинителството, каде, вели тој „нема никој влезено освен вработените“.

„Во оние каде успеавме, увидовме дека дел од зградите не се исполнети. Дал со луѓе, дал со опрема… Изградиле голема зграда, после распоредиле разни институции (пр. Археолошки, Архив и Уставен во ист објект), а им останал вишок простор. Не можат да ги исполнат, немаат луѓе. Тие ги снимивме. Дел се од приземје. Поставени на најскапото земјиште од градот, а не работат! Узурпиран јавен простор, а изоставува содржина!“, нагласува архитектот.

Предлог – Агенција за електронски комуникации (AEK)

Првиот процес, напоменува, е да ги отворат објектите. Вели, може да се демонтираат со пет луѓе, три хилти, две бормашини. Не со багер, туку накаде демонтираат прозори, вадат паркет, па се става јавна клупа. Тоа е тоа.

„Кога ќе се отворат.. тие на приземје се поврзани, но оние на катот, ако ги отвориме треба да ги поврземе со дополнителни комуникации, скали, лифтови. Сепак постојат примери. ‘Помпиду’ во Париз е со кровна тераса која е функционална, а јавна. Го знаеме и примерот со Рајстагот. Kога ќе се качиш горе, на јавна локација, плаќаш две евра, и го гледаш Берлин од различна точка. Второ, ги гледаш и парламентарците кои работат во Собранието. Тука, до тебе, заедно со тебе“, нагласува тој.

Пешачка зона во рамки на јавна институција. Тоа е остварливо, вели, се обезбедува. Втората постапка е поврзувањето. Пример, постои тераса позади Комерцијална банка, кај што удира во АЕК. Навниот предлог е да ја отворат зградата, секој да си помине од терасата и да се симне на кеј.

„Да ги поврземе зградите. Бидејќи одиш и пред тебе – ѕид. Наивно. Дали е тоа агресија, неразбирање на проектантите, политичка моќ, или бариера спрема Комерцијална или старата скопска архитектура… Не знам, но, едноставно, таа зграда не припаѓа таму“, забележува тој.

Третата предвидена постапка е т.н. прочистување на зградите од Камени мост до мостот „Слобода“.

„Целата безвезна декорација, куполи, симболика на објект, која многу чини, а е непотребна – треба да се исчисти. Да ја нема. Тоа е нашиот став, затоа што сметаме дека декорот е злостор. Последната постапка е: отворените простори да им ги дадеме на граѓаните, на иницијативи, организации. Пример, да се организира јавна дебата во рамки на МНР, во август, под настрешница, во отворен мал амфитеатар. Во термин од 12 до 18 ч, секој вторник. Што да не? Или читачка проба? Во рамки на зграда која треба да е отворена. Институции и граѓани заеднички да користат слободен простор. Зашто луѓето да не ги користат јавните институции?“, прашува тој.

Предлог – Министерство за надворешни работи на Република Македонија

Последната постапка, идеја, сепак тек треба да се доразвива. Дел од просториите уште еднаш да се проверат, испитаат, за што предложува тим професионалци. Би влегле во сите објекти и детално го документираат ова што го зборува.

„Ајде да дадеме нова содржина, бидејќи се јавни згради. Објектите си остануваат, не се криви луѓето што работат внатре. Не ги уништуваме. Продолжува да оди на работа тој што одел и вчера. Aко добиеме дозвола и формираме тим, оваа идеја, експеримент од Биеналето би го претвориле во идеен проект. Претходно се појавуваа шпекулации, разговори, дискусии – да се руши, остави, да се дислоцира итн. Но, ова е професионална идеја, преставена на Венецијанско биенале“, вели Ивановски.

Ова би била искра, платформа за понатамошен развој на идеи за заедничкиот простор. Комуникација за околината. Од луѓе што ја користат. Особено што, нагласува, секојдневно сме сведоци на масовна узурпација.

„Не смееме повеќе да дозволуваме такво нешто! Замисли, да одлучиш да направиш летна тераса во Париз. Невозможно! Нема да ти дозволат. Професионалци се грижат јавниот простор да не го узурпираат. Кај нас, тоа е секојдневие. Некаде нелегален објект, друго место ставена тезга, дрвена тераса, столици напред, дали се плаќа или не – никој не знае. Изоставува контрола на јавниот простор. Ова е чекор напред и за да вратиме малку свесност, да не се присвојува. Затоа, малку да поразговараме, да се запрашаме, да си одговориме, продискутираме како да се организира и функционира заедничкиот простор“, нагласува архитектот.

Инаку, освен авторите Ивановски и Јовановски, соработници на нивниот проект се Сања Аврамовска, Валбона Фејза и Мирослав Пејовски.

Проектот „Слободен простор“ е дел од поширока целина, од Биеналето. Државата ја претставија уште три тимови – едниот се занимава со изгледот на Владата, друг со бившата Стоковна куќа „Нама“ и последниот со Поштата со телекомуникацискиот центар. Поединечно, секој сингуларен ентитет претставува информациско тело што во себе ги преклопува меморијата, претставата и идејата за просторот. Оргинална верзија „Freespace – изложбата се осврнува на основните начела и предизвици со кои се соочува професијата во сите сегменти на нејзината продукција денес.

 

Бојан Шашевски