Дел од факултетите и овој семестар сами ќе бираат како ќе продолжат со академската година – онлајн, со физичко присуство, или пак комбинирано.
Но, студенти од најголемиот универзитет, „Св. Кирил и Методиј“, реагираат дека сè уште се во неизвесност како ќе се одвива наставата откако периодов се забележува драстично зголемување на бројот на новозаболени од КОВИД-19.
„Сè уште немаме ни информација за сите испити, а камо ли за наставата од втор семестар“, реагира студентот А.Л. од Фармацевтскиот факултет.
„За предавање на факултет може и онлајн и со физичко, но полагање испит никогаш повеќе онлајн“, истакна тој.
Слична е ситуацијата и на Природно-математичкиот факултет, каде како што истакна студентката Е.Т. сè уште не знаат како ќе се одвива наставата понатаму.
Во меѓувреме, студентите на Општа медицина при Медицинскиот факултет веќе посетуваат предавања со физичко присуство по повеќе предмети, сподели студентката М.П.
Радио МОФ упати прашања до Универзитетот за тоа како ќе се одвива наставата во наредниот семестар, но до објава на текстот не добивме одговор.
Во меѓувреме, од Универзитетското студентско собрание на УКИМ информираат дека факултетите и годинава сами бираат како ќе се одвива наставата според нивните можности и емидемиолошката состојба.
„Неприфатливо е на 11-ти јануари се уште да немаат дадено информација за начинот на одвивање на наставата, оставајќи ги студентите во неизвесност, особено оние од другите градови, кои не знаат дали да бараат станови во Скопје, дали да останат под кирија или да се вратат во својот роден град“, коментираат од УСС УКИМ.
И на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, одлуката за наставата во текот на следниот семестар повторно ќе се носи на ниво на факултетите, со неколку препораки.
„Нашите препораки, кои ќе бидат изнесени и на ниво на Ректорска управа, ќе бидат почетокот на семестарот, како и февруарската испитна сесија, да бидат онлајн, во согласност со моменталната ситуација во која се наоѓаме во текот на овој петти, и би рекол, најсилен бран досега, имајќи ја предвид брзината на ширење на вирусот во затворени простории. Понатаму, како што ќе се менува ситуацијата, одделни факултети ќе се враќаат на класичниот начин на предавања, а особено на одржување на практичната настава, која сметам дека беше најзасегната во текот на оваа Пандемија. Искуствата од претходниот семестар каде практичната настава во најголем дел беше изведувана со физичко присуство, ни даваат јасни сигнали дека мерките стриктно се почитуваат и немавме никакви проблеми при изведувањето на истата“, вели проректорот за настава на УКЛО, проф. д-р Љупче Кочоски.
Тој истакна дека уште на почетокот донеле Стратегија за реализација на наставата во услови на пандемија со Ковид-19, која ќе продолжи да се применува и по завршувањето на пандемијата со мали измени и надополнувања.
„Во согласност на тоа, ние како Универзитет, им препорачуваме на нашите единици при подготвувањето на новите курикулуми за своите студиски програми, да вклучат и можност за изведување на онлајн настава, со што во иднина ќе бидеме уште пофлексибилни во однос на некои нови непредвидени ситуации“, посочи Кочоски.
Универзитетот „Гоце Делчев“ досега спроведуваше онлајн настава. Ректорот проф. д-р Блажо Боев, во своето традиционално новогодишно интервју изјави дека годинава посакува студентите и вработените да се вратат со предавања во објектите.
Радио МОФ се обиде да добие најнова информација за продолжетокот на наставата од надлежните на овој Универзитет и студентските претставници, но до објавувањето на текстот и оттаму не добивме одговор.
Емилија Петреска