Од септември патниците со јавната железничка мрежа во Шпанија ќе можат да патуваат бесплатно како една од мерките за справување со високата инфлација и покачувањата на цените на енергенсите.
Новата одлука на шпанската Влада ќе важи за купување билети за најмалку 10 патувања со возовите кои сообраќаат на локалните и меѓуградските линии од железничката мрежа и ќе биде на сила до крајот на годината. Оваа одлука не важи за билетите во еден правец или оние на долги дестинации.
„Оваа мерка охрабрува максимално искористување на овој вид на колективен јавен транспорт, кој гарантира безбеден, сигурен, економичен, комфорен и одржлив транспорт во околности на постојан раст на цените на енергенсите и горивата“, стои во соопштението на шпанското Министерство за транспорт, пренесува Си-Ен-Ен.
Шпанија не е единствената европска земја која ја намалува цената за користење на јавниот транспорт. Минатиот месец Германија започна кампања за неограничен билет за јавен транспорт кој чини 9 евра, која може да се користи за локален и регионален транспорт низ земјата. Оваа мерка, која беше дел од владиниот пакет мерки за ублажување на енергетските последици, важи за сите видови јавен транспорт низ земјата и треба да трае до крајот на август.
На крајот на 2021 година Австрија воведе значителен попуст на таканаречениот „климатски билет“ кој ќе важи за сите видови јавен превоз во земјата. Целта е да се охрабрат граѓаните да ги остават автомобилите и да се насочат кон друг вид превоз. Овој билет чини 1.095 евра годишно, односно 3,50 евра за секој ден во годината.