Голем број куќи во Делчево се поплавени по вчерашното невреме кое го зафати градот и околината.
Итните служби и утрово работат на санирање на штетите, откако големата количина дожд предизвика поплавување на објекти но и уништи дел од патната инфраструктура.
Градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски утрово информираше дека максимално се мобилизирани екипи на ЈКП Брегалница и на ТППЕ Делчево и со механизација и рачно се расчистуваат наносите од земја на коловозите во центарот на градот и во реоните и се санираат штетите по домовите. Тој додава дека во моментов стучни лица од Општина Делчево прават увид на оштетената инфраструктура на коловози и потпорни ѕидови, со цел да се пристапи веднаш кон нивна санација.
„Сите сме максимално ангажирани за да се санираат штетите и да се врати градот во нормала. Сакам да ги информирам граѓаните дека и понатаму можат да побараат помош на тел. број 193. Дефектите на водоснабидителниот систем се санирани уште во текот на ноќните часови и водоснабдувањето е нормализирано, така што граѓаните можат да ја користат водата за пиење. Изразувам благодарност до сите граѓани кои ангажирано се вклучија во расчистување на штетите од поплавите, посебно до ТППЕ од Кавадарци, Берово, Кочани, М. Каменица и Пехчево кои синоќа испратија помош во луѓе и опрема и работеа заедно со нас“, напиша градоначалникот на Фејсбук.
Тој информираше и дека Советот на Општина Делчево денеска има закажано вонредна седница на која ќе биде предложено одлука за прогласување елементарна непогода од поплави во Делчево, а ќе биде донесена и одлука за формирање Комисија за проценка на штети, по што ќе се објави и јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.
Советот на Општина Делчево закажа Вонредна седница поради големите штети предизвикани од невремето кое вчера го зафати Делчево. На Седницата ќе биде предложена одлука за прогласување елементарна непогода од поплави во Делчево, а ќе биде донесена и одлука за формирање Комисија за проценка на штети, по што ќе се објави и јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.
„Од вчерашното невреме поплавени се десетици приватни домови, институции и фабрики, а оштетени се коловозите на неколку сообраќајници. Најголеми штети се евидентирани во населбите „Пролет“ и „Басарица“, на ул „Царевоселска“, бул. „Македонија“ . Подетални информации за штетите ќе бидат објавени по завршениот увид на терен“, посочи градоначалникот.