Делење бонови за гориво, агитирање и поткуп се дел од настаните кои МВР ги регистрирало за изборниот молк

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека за време на предизборниот молк, вчера, биле регистрирани неколку настани, за кои, како што велат, се преземени соодветни мерки.

Во координација со Основното јавно обвинителство Куманово, од МВР велат дека преземени се активности во врска со настан дека лице од Крива Паланка на повеќе граѓани од Крива Паланка делело бонови за точење на гориво на бензинска пумпа.

„Извршен е претрес на простории на бензинската пумпа, каде во присуство на Ј.Ј. и М.Ѓ. биле пронајдени пет бонови за гориво во вредност од по 1.000 денари со втиснат датум од 08.05.2024 и еден бон за гориво во вредност од 2.000 денари, шест фискални сметки, а во торбата која ја носел вработениот пронајдени се два бона за гориво во вредност од по 1.000 денари и фискална сметка. Во просториите на ПС ОН Крива Паланка повикани се Б.С., С.М., М.Ѓ. и М.Д., сите од Крива Паланка поради извршување на службен разговор и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Тие информираат и дека лицето Е.Д. од Крњево пријавило дека во неговиот дом дошле три лица од ДИК, со цел неговиот дедо да оствари право на глас од избирачко место број 2828. Е.Д., но се сомневал дека лицата биле од ДИК, бидејќи не биле претходно известени и требало да присуствуваат пет лица.

Лицето А.К. од село Стримница пријавило дека на улица „Маршал Тито“ во Тетово биле оштетени два банери со рекламен материјал од политичка партија кои биле поставени на кружен тек од улица „В.С.Бато“ со ул. „Маршал Тито“ во Тетово. 

Вчера исто така, Ц.Т. од Неготино пријaвила кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“, извршено од Л.Р. од Неготино.

„Според пријавеното, околу 20,17 часот, Ц.Т. добила телефонски повик од Л.Р. за поддршка за гласање, на што Ц.Т. одговорила негативно. Потоа Л.Р. и нагласила на Ц.Т. дека имала земено ИПАРД поддршка, по што го прекинала повикот. За настанот известен е надлежен јавен обвинител и ќе се преземат дополнителни проверки“, велат од МВР.

Во непосредна близина на избирачко место 1180 во ОУ „Христијан Т.Карпош“ во с.Драгоманце општина Старо Нагоричане забележани биле расфрлани летоци од политичка партија. Летоците биле отстранети.

Во текот на изборниот молк, како што велат од МВР, пријавени се и неколку случаи за наводно агитирање и нудење поткуп, но по преземени мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени.