„Девојчето со балонот“, реплика на графит од британскиот уметник Бенкси вчеравечер се самоуништи откако беше продадено на аукција, а луѓето во галеријата во Лондон присуствуваа на еден од најдуховитите и смели герила-активистички потези во уметничката историја.
Делото беше продадено во лондонски „Сотбис“ за 1.04 милиони фунти, со што го израмни претходниот рекорд за продажба на дело од Бенкси од 2008 година. Но, пресврт дојде откако платното почна да минува низ режач на хартија, инсталиран на самата рамка.
Бенкси веднаш постираше фотографија на Инстраграм, каде се гледаат луѓе како зачудено го гледаат делото додека се самоуништува. Уметникот напиша: „Оди, оди, отиде…“
„Се чини дека бевме наместени во стилот на Банкси. Тој е дефинитивно најголемиот британски уличен уметник, а вечерва видовме дел од неговата генијалност“, изјави виш директор на „Сотбис“, Алекс Бранчик.
Од аукциската куќа зборувале со купувачот, кој бил изненаден од приказната. „Водиме дискусија за идните чекори“, велат од „Сотбис, одбивајќи да го откријат идентитетот на купувачот.
Веб-страницата MyArtBroker.com, која препродава парчиња од Бенкси, рече дека „Девојчето со балонот“ има зголемување на вредноста од околу 20% во последниве години. „Цените сега се над 115.000 фунти за потпишани автентични принтови“, рече ко-основачот Џои Саер.
„Со оглед на трикот и вниманието од медиумите, оваа аукција ќе резултира со зголемување на цената. Среќниот купувач ќе добие одличен повраток од 1,02 милионите фунти што ги плати минатата ноќ“, пишуваат од веб-страницата.
Банкси е уметник и активист од Бристол, чиј идентитет никогаш не е откриен, иако доста се шпекулира кој стои зад муралите, дали е еден човек, или организирана група. Критичко-сатиричните графити на Бенкси преку ноќ осамнуваа во градови низ цел свет. Во 2017 година, Британците го прогласија муралот „Девојчето со балонот“ за негово најомилено дело.
Муралот прв пат се појави на ѕид во Источен Лондон. Галериската верзија од 2006 година вклучуваше боја од спреј и актилик на платно, монтирани на табла.