Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии, „Порака нова“, го демантира делот од 17-тиот извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ „Млади од акција“, во кој здружението е споменато во негативен контекст, односно дека под сомнителни околности бил одобрен проектот Exploring Diversity.
„Порака нова на никој начин не е поврзана со сите наводни нелегални зделки за кои се обвинети организациите споменати во извештајот. Организацијата е изградена и угледна организација која долго време работи на ЕУ програми и имплементирала проекти во рамките на ИПА, ЕИДХР, Млади во Акција, а и во рамките на други програми надвор од ЕУ. Проектот Exploring Diversity е авторски проект на ПОРАКА НОВА, и во никаков контекст не е поврзан со Младински Форум ОКО“, се вели во демантот.
Од организацијата бараат авторите на извештајот – ФООМ и МЦЕТ да достават издржан доказ за партнерство помеѓу „Порака нова“ и Младински Форум ОКО за наведениот проект.
„Ги прашувам: дали „Порака нова“ има „сомнителни“ партнерства со некои од следниве организации, кои на своите веб страни ги објавиле нашите повици за волонтери? И дали објавите на некој начин влијаат на вработените, членовите на Управниот Одбор и евалуаторите на проекти во Националната Агенција?“, се вели во реакцијата.
Македонскиот центар за европско образование и Фондацијата Oтворено општество Македонија вчера објавија истражување со кое откриваат дека Националната агенција за европски образовни програми повторно доделувала проекти на нефер и сомнителен начин.
Според наодите во извештајот на МЦЕТ, европските пари (околу 1.3 милиони евра) наменети за образовни и младински проекти, Агенцијата ги поделила на само 11 организации, за кои нема достапни информации кои покажуваат како ги потрошиле средствата. Ова, според МЦЕТ, е сличен случај како во 2010, кога изби голем скандал откако се откри дека тогашниот директор на Агенцијата Бошко Нелкоски, преку мрежа на блиски соработници и членови на семејството, парите ги распределувал на истите организации. Поради сомнителната распределба на парите, Европската комисија тогаш ги замрзна средствата за Македонија, а директорот Нелкоски поднесе оставка, но не понесе никаква одговорност за злоупотребите.