Рочиштето закажано за денес по повод настаните од минатата година кај канцеларијата на претседателот, не се одржа бидејќи не беше присутен претставникот на Обвинителството. Уште залудно одложување, непотребно претпоставувам… и мислам дека има некаков контекст од настаните од Парламентот, бидејќи верувам дека резултатот од моето судење ќе биде ослободителна пресуда, и тоа не им одговара на политичките и веќе закотвените правосудни елити, рече денес Мариглен Демири пред новинарите по излегување од судот.
Тој не смета дека судството и другите органи реагираат исто како кон луѓето кои упаднаа во Собранието, бидејќи, како што вели, евидентно е тоа што „бруталните напади од 27 април не кореспондираат со тежината и предметите потегнати од Обвинителството“.
„Фала богу вчера имаше некое приведување на оние напаѓачи на Зијадин Села. Но, што правиме со другите кои фрлаа со секаква предмети, а можеме да ги видиме и забележиме преку снимените видеа од Парламентот? Се гледа дека тука има фаворизирање на некои настани на сметка на други. Се надевам дека ќе има некоја правна разврска. Ние ќе треба да притискаме постојано… Но, мислам и дека горе-долу режимот е при крај. Почна да се рони и му се гледа крајот“, смета Демири.
Во однос на новинарското прашања да коментира тоа што Собранието ќе добие обештетување од осигурителна компанија, а од друга страна обештетување за нередите во канцеларијата на претседателот се бара од поединци-учеснци во протестите, Демири вели дека има проблеми при самата постапка бидејќи таа е веќе раздвоена.
„За еден настан фактички има повеќе предмети, наместо тие да се кај еден судија, со едно вештачење. Мислам дека ќе пропаднат сите, затоа што за мојот предмет се користи вештачење од другиот предмет, односно од предметот кој е кај друг судија. Можеме да најдеме решение, само да има волја“, рече Демири.
Инаку, Демири се товари „за учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Oдносно за учество во минатогодишните протести кога револтирани граѓани по одлуката за аболиција ја кршеа канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов.
Фото: Принтскрин од видео стриминг на Макфакс