Со марш кој започна на градскиот плоштад во Тетово, демонстранти денеска излегоа на протест на кој побараа одговорност поради пожарот кој се случи во модуларната ковид болница пред речиси 10 дена, а каде загинаа 15 лица. Попатно тие застанаа и пред општинската зграда на Тетово каде се одржа говор, а веднаш потоа некои од нив почнаа да фрлаат со јајца.
Протестот потоа продолжи кон изгорената модуларна болница, па кон Демократската унија за интеграции (ДУИ), но полицијата го блокираше пристапот до седиштето на партијата.
„Правда, одговорност и оставка на владата“, гласеше еден од транспарентите, а демонстрантите побараа од надлежните целосно расчистување на случајот со пожарот.
Во земјава претходно пристигнаа експерти од Германија за да помогнат во истрагата за расчистување на трагедијата.
По пожарот во Тетово беше прогласена тридневна национална жалост. Министерот за здравство Венко Филипче поради случката понуди оставка до премиерот Зоран Заев, а оставка дадоа и заменик-министерот Илир Хасани, како и директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми.