Преку 60 лица се уапсени и голем број се повредени откако полицијата се судри со антивладините демонстранти во Софија, кои бараат оставка од премиерот Бојко Борисов.
Илјадници демонстранти вчера се собраа пред бугарскиот парламент за да ја блокираат работата на законодавниот дом кој требаше да започне со работа по летниот одмор. Планот на организаторите на протестот бил мирен собир под слоганот „Големо национално востание“ но насилството избило откако демонстрантите почнале да фрлаат објекти кон полициските возила.
Ројтерс пренесува дека околу 45 лица се повредени и се пренесени во болница.
Службите на итна помош велат дека неколку полицајци биле повредени кога учесници на протестот фрлале шишиња, камења и петарди врз безбедносните сили кои ја обезбедуваа зградата на законодавниот дом.
Демонстрантите ја обвинуваат владата за корупција и заштита на моќни луѓе во земјата. Вчерашниот протест беше дел од повеќемесечната кампања во која се врши притисок бугарскиот премиер Борисов и јавниот обвинител Иван Гешев да поднесат оставки поради наводни врски со олигарсите. Повеќе од два месеци скоро секојдневно во Софија се одржуваат антивладини протести.
Протестите имаат поддршка од бугарскиот претседател Румен Радев, кој исто така го повика премиерот Борисов да поднесе оставка.