Противниците на армијата на Мјанмар, која ја презеде власта со државен удар во февруари, денеска по улиците и пред владините институции фрлаа со црвена боја, како симбол на крвта на убиените демонстранти, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Ваквиот акт, чија цел е да се посрамоти војската се случи во неколку градови, според фотографиите кои се споделуваат на социјалните мрежи. Дел од демонстрантите маршираа повикувајќи на ослободување на демократски избраната лидерка Аунг Сан Су Чи, која од 1 февруари е во затвор, а е обвинета за кршење на Законот за службена тајност.
„Ве молам, спасете ја нашата лидерка, иднина и надеж“, пишуваше на еден од натписите на демонстрантите во градот Мандалеј.
Засега нема информации за насилство на денешните протести, но информациите се потешко излегуваат надвор од земјата, затоа што воената хунта го ограничи пристапот до интернетот.
Пучот го доведе Мјанмар во криза, десет години по постепеното враќање на државата во демократскиот систем. Од преземањето на власта во државата, секојдневно се одржуваат протести и акции на граѓанска непослушност.