Стрип книжарницата „Бункер“ го враќа „Денот на бесплатни стрипови“ кој годинава ќе биде во сабота (26 ноември) од 10:00 часот.
„Оваа година обезбедивме 500 стрипови кои ќе бидат поделени бесплатно, а бројката расте бидејќи во акцијата се вклучуваат и голем број на домашни издавачи и поединци. Настанот ќе трае до 15 часот или додека не се потрошат количествата. Покрај бесплатните стрипови стрип книжарницата ќе понуди и 30% попуст на целокупниот асортиман“, информираат од „Бункер“.
Стриповите ќе бидат делени по принципот „прв дојден, прв услужен“, секој посетител ќе има право да земе најмногу два стрипа од претходно направената листа.
„Исто така, новина е и што годинава во соработка со ‘Светот на Биби’ еден дел од стриповите ќе бидат подарувани и во нивната продавница во Битола, со што настанот добива регионален карактер“, додаваат од книжарницата.
Практиката за воведување на „Ден на бесплатни стрипови“ прв пат се одржа во Соединетите Американски Држави во 2002 година, а потоа се прошири и во многу други земји. Во првите 6 години се поделени повеќе од 12 милиони бесплатни стрипови во над 30 земји.