Денеска во Србија е ден на жалост поради осумте жртви во пожар во дом за возрасни и стари лица во белградската општина Бараево, пренесува Ал Џазира Балканс.
Одлука за прогласување ден на жалост донесе Владата на Србија на вчерашната седница.
Во пожарот во домот за возрасни и стари лица „Ивановиќ“ во градот Велики Борак во Бараево загинаа осум корисници, а седуммина се повредени.
Во врска со пожарот полицијата уапси три лица меѓу кои и одговорниот за тој објект поради сомнение дека сториле тешко кривично дело против општата безбедност за што е предвидена затворска казна од 2 до 12 години.
Според Законот за одбележување на денот на жалост, властите и организациите, како и другите правни лица кои го истакнуваат знамето се должни да го спуштат знамето на Република Србија на половина копје.
Исто така, за време на денот на жалост, забрането е емитување народна и забавна музика, односно одржување на забавни програми на јавни места.