Центарот за кариера на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во четврток (11 мај) организира „Ден за кариерен развој“ отворен за сите студенти на Универзитетот.
Настанот ќе се одржува во периодот од 12 до 16 часот на кампусот на техничките факултети – паркингот кај ФЕИТ и Машинскиот факултет. Во тој период триесетина етаблирани домашни и странски компании ќе ги презентираат нивните можности за вработување и практиканство за студентите кои сè уште студираат или завршиле.
„На штандот на Асоцијацијата на советници за развој на кариера-АСК, студентите ќе можат да креираат професионално CV и кариерните советници ќе се достапни за непосреден разговор и кариерно насочување“, информираат организаторите.
Покрај тоа Асоцијацијата од 13:30 часот ќе организира работилница на тема: „Ви треба ли Chat GPT за планирање на кариера?“.
За време на настанот компанијата „IT Labs“ ќе ја претстави апликацијата за учење на знаковен јазик „SignTalks“ направена со помош на вештачка интелигенција, а како што се вели во соопштението, секој од учесниците/посетителите ќе може да допринесе за развој на базата преку снимање на видеа како се прават знаците.
Подоцна, од 14:30 часот ќе биде организирана уште една работилница на тема: „Вмрежување – зошто е важно во процесот на барање работа?“.
По завршување на настанот ќе следува музички сет на диџеј Јанко.